Грција доби нов претседател

19

Грчкиот парламент денеска го избра Константинос Тасулас, водечка фигура во владејачката конзервативна партија Нова демократија (НД), за претседател на Грција, што е главно церемонијална функција.

Константинос Тасулас (65) ќе ја наследи Катерина Сакеларопулу, првата жена избрана на оваа функција пред пет години и чиј мандат истекува кон средината на март.

Поранешниот собраниски спикер и кандидат од владејачката Нова демократија, претпладнево со 160 гласа „за“ од пратениците беше избран за претседател на Грција за време на четвртото гласање во Парламентот за шеф на државата, на кое потребно беше еден од четворицата кандидати да добие најмалку 151 глас.

За Тасулас гласаа целата пратеничката група на Нова демократија, вкупно 156 пратеници, двајцата поранешни членови на владејачката партија, сега независни, како и уште двајца независни пратеници.

Гласањето беше јавно со прозивање на секој од пратениците кои имаат две опции: или да одберат еден од кандидатите или да изјават дека се воздржани.

Во денешното гласање учествуваа 276 од 300 пратеници.

Петгодишниот мандат на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу завршува на 13 март годинава, кога новиот претседател ќе положи свечена заклетва и ќе ја преземе функцијата.

ИЗДВОЕНИ