Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија едногласно одлучија да ѝ овозможат на Албанија да ги продолжи преговорите за полноправно членство во ЕУ, објави Бугарското национално радио (БНР).
Оваа одлука дојде по долгата блокада од страна на Грција, која беше поврзана со случајот на Фреди Белерис, етнички Грк и избран градоначалник на Химара. Белерис беше уапсен и осуден на две години затвор поради предизборен поткуп, што го спречуваше да положи заклетва како градоначалник.
По излегувањето од затвор на почетокот на септември, по отслужување на две третини од казната, Грција го повлече ветото, отворајќи ѝ на Албанија пат кон понатамошни преговори за членство.
Следната меѓувладина конференција ЕУ – Албанија е закажана за 15 октомври во Луксембург, кога ќе биде отворено првото поглавје во преговорите – „Темелни вредности“.
Оваа одлука воедно значи и одвојување на Албанија од Северна Македонија во европскиот интегративен процес, нешто што долго време беше избегнувано со цел двете земји да го продолжат патот кон ЕУ во ист пакет.