За да се стигне во Црна Гора со автомобил од Скопје потребни се 25 до 30 литри гориво, а повратна автобуска карта чини околу 3.000 денари. Сместувањето во зависност дали се плаќа кревет, соба или апартман, со исклучок на хотелите, чини 30 до 50 евра дневно. Тоа се објавените цени, но секогаш се наоѓа и поевтино пристојно сместување. Цената на лежалките е од 10 до 150 евра, но по 17 часот се бесплатни. Оние кои сакаат и на одмор сами да си ја подготвуваат храната, во Црна Гора најевтино ќе поминат ако јадат свинско месо и компири. Килограм свинско во Будва се купува за 4,19 до 4,50 евра, во зависност од маркетот, а килограм млад компир чини од 40 до 50 центи. Но затоа шетањето низ Стари град по „купаќи“ надвор од зоната за капење се казнува дури 200 евра!
Исплашени од новите цени во Грција, што се споделуваат по социјалните мрежи, сè поголем број наши граѓани бараат друго решение. Многумина по долги години се навраќаат на старата омилена дестинација, Јадранот, или како што некогаш го викавме наше море. Оние на кои паричникот не им дозволува многу да се опуштат тргнуваат кон летувалиштата во Црна Гора до кои и сега се патува долго, но за разлика од порано, по одлична патна инфраструктура, главно автопати, низ Косово и Албанија се стигнува многу побрзо.
Екипа на весникот ВЕЧЕР овој месец ја посети Будва, која ја нарекуваат метропола на црногорскиот туризам и беше изненадена од присуството на голем број македонски туристи уште пред почетокот на шпиц-сезоната. Низ градот се забележуваат возила со скопски, струмички, кумановски, тетовски… регистарски таблички, а во јули и август се очекува бројот на туристи од Македонија да биде многу поголем.
Она што го констатиравме по неколкудневниот престој на црногорското приморје е дека ако се изземе трошокот за пат и за сместување, со добра организација, на пример во Будва, која важи за најскапо летувалиште во државата, за храна и забава се троши исто како дома.
Лежалките од 10 до 150 евра
Да почнеме од почеток. За да се стигне во Црна Гора со автомобил од Скопје потребни се 25 до 30 литри гориво, а повратна автобуска карта чини околу 3.000 денари. Сместувањето во зависност дали се плаќа кревет, соба или апартман, со исклучок на хотелите, чини 30 до 50 евра дневно. Тоа се објавените цени, но секогаш се наоѓа и поевтино пристојно сместување.
Одењето на плажа може да биде бесплатно, дури и ако се користи плажниот мобилијар, како што црногорците ги нарекуваат лежалките и чадорите за сонце што ги има за изнајмување на сите плажи. Тие по 17 часот секаде во Будва се бесплатни, освен хотелските, а дотогаш, кој сака нека повели: најевтиниот сет од две лежалки и чадор за сонце чини 10 евра за цел ден. За тие пари не се добива ништо друго, но дозволено е однадвор да се донесат храна и пијалаци. На атрактивните будвански плажи, како на пример Ричардова глава и Могрен, цената на лежалките се качува до 25 евра, а во најскапиот дел на будванската ривиера – Свети Стефан, лежалките се 150 евра. За тие пари освен лежење под сенка се добиваат свежо овошје, скапо вино и други посластици во текот на целиот ден. Ниту оваа сезона не е отворена ексклузивната населба Свети Стефан, па слободно може да се користат неколкуте прекрасни плажи околу неа и во Милочер. Таму лежалките се поскапи, но на сите е оставено место каде може да се стави пешкир и сопствен чадор за сонце. Паркингот е скап, околу три евра на час, но на секој половина час има автобус до и од таму. Билетот е две евра во еден правец.
Топка сладолед на плажа се плаќа едно евро, а крофничките се три евра. Кој сака да руча на плажа од околните киосци може да си купи парче пица за три евра, хамбургер или гиро за четири евра. Конкуренцијата е голема, па ако се побара, може да се најде и поевтино. Од околните киосци може да се купат и пијалаци, како на пример минерална вода, газиран сок или никшиќко пиво, кои, сепак, се поскапи отколку во Македонија. Покрај плажите има и ресторани, од кои некои се скапи, а во некои може да се јаде рижото со морски плодови, или паста, пица и слично, плус чаша вино за околу 8 евра.
Лигни со поглед на море за четири евра
Деновиве во близина на Словенска плажа се отвори нов експрес ресторан со многу примамливи цени. На пример, порција лигни на маса со поглед на море чини четири евра. Цената на кафето во баровите на плажа се движи од 1,3 евра па нагоре. Ценовниците се поставени пред рестораните, има и флаери, па оние кои внимаваат на секое евро може однапред да си пресметаат колку ќе потрошат.
Кој сака да јаде дома, односно онаму каде што е сместен, исто така има евтини опции. Едната е да купува храна од маркетите. А таму цените се генерално како во Скопје, иако нивниот ДДВ е повисок од нашиот. Храната се оданочува со 21 и 7 проценти. Поскапи се лебот, чија цена почнува од 60 центи, сирењето од кое најевтиното е 5,5 евра, како и путерот чија цена за 200 грама надминува 4,5 евра, дури и кога е на акција. Поскапо е и кафето, како и секогаш и овошјето и зеленчукот, но нивните цени сепак се горе-долу како оние во најскапите маркети во Македонија. Од друга страна, шеќерот, солта, маслото за јадење, млекото, брашното, тестенините, мајонезот, виршлите, паштетите, месниот нарезок, супите, имаат македонски цени. Оние кои сакаат и на одмор сами да си ја подготвуваат храната, во Црна Гора најевтино ќе поминат ако јадат свинско месо и компири. Килограм свинско месо во Будва се купува за 4,19 до 4,50 вера, во зависност од маркетот, а килограм млад компир чини од 40 до 50 центи. И едното и другото се со извонреден вкус. Цените на јунешкото и телешкото месо се повисоки и во просек изнесуваат околу 13 евра за килограм. Во маркетите се наоѓа и пршута по 10 евра за килограм.
Туристите се генерално задоволни од овие цени, но Црногорците, како што може да се види од медиумите се жалат дека им е скапо. Иако нивниот стандард е повисок од нашиот. Минималната плата и пензија во Црна Гора се 450 евра, а таму цените на струјата, водата и ѓубретарината се исти како пред пандемијата.
Во повеќето туристички места низ Црна Гора се отворени ресторани за готвена храна кои вршат достава на адреса. Нудат полнети пиперки, ориз со пилешко, гулаш, сарма, по сосема прифатлива цена од три-четири евра. На пример, најскапиот комплетен оброк што го подготвува еден таков ресторан во Будва чини 8,40 евра, а се состои од супа, виенска шницла, пекарски компир, тартар сос, салата, леб и десерт.
Ако сте заборавиле од дома да понесете шампон за коса или за капење, сапун, дезодоранс, млеко за сончање и друга козметика и средства за хигиена, во маркетите за нив ќе ве „одерат“. Но, затоа има специјализирани продавници каде што цените се многу пониски, а некои производи се поевтини дури и од Македонија.
За паркинг „наострете“ ги нервите
За летувалците со ограничен буџет не е препорачливо пазарење и јадење во Стари Град во Будва. Таму сè е поскапо. Оние кои сакаат да се почестат со убава храна што ќе ја јадат во прекрасниот амбиент на овој симбол на градот треба да се подготвени да платат повеќе. За најмалку половина евро се поскапи и пицата на парче, сладоледот, колачите… Но, последниве години во Стари Град отворени се ресторани со уникатен концепт. На пример има ресторан во кој тестенините не се вадат од кеса за да се подготват, туку се прават пред ваши очи. Пред него секогаш има редица.
Кога се во прашање цените, има само еден проблем: никој не кажува дали и колку ќе отидат нагоре кога ќе почне навалицата од туристи во јули и во август.
Со големиот број клубови, во кои цело лето гостуваат претежно српските турбо фолк ѕвезди, Будва е особено примамлива за младите од регионот. Деновиве се подготвуваат за отворање познатите клубови кои на билборди за јули го најавуваат гостувањето на Аца Лукас, Наташа Беквалац, Маја Беровиќ… И најпопуларната плажа за младите – Плоче, во близина на Будва, се подготвува за организирање на најдобрите дневни журки и пена парти по кои е позната.
Тоа е понудата, но оние на кои им е доволно само капењето во море и сончањето на прекрасните песочни црногорски плажи, не мора да прават други трошоци. Како и секаде, шетањето низ градот и во Стари Град е бесплатно. Но ако на себе се има само костим за капење, шетањето излегува поскапо дури и од лежалките на Свети Стефан. Казната за одење разголен надвор од зоната за капење е 200 евра!
Оние кои планираат да одат во Будва со сопствен автомобил, а со изнајмувачот на сместувањето не се договориле околу паркинг, пред тргнување треба „да си ги наострат“ нервите. Недостатокот на паркинзи е хроничен проблем на градот и станува сè поголем, колку што се зголемува бројот на станови и сместувачки капацитети, а се гради премногу. Нема доволно паркинг места ни за локалните жители, а ни за хотелските гости. Има неколку паркинзи со наплата на ден, но секогаш се полни, зашто делумно се закупени од хотелите. Возила се паркираат и по тротоарите, но барем на пофреквентните улици тоа е ризично, зашто како што забележавме, пајак-службата повеќе од солидно го полни општинскиот буџет.
Но, очигледно сите некако се снаоѓаат во решавањето на тој проблем, зашто Будва е преполна со гости уште од претсезоната. Туристичките работници за годинава очекуваат да се постави нов рекорд, бидејќи претсезоната во Црна Гора веќе ги урива сите рекорди.
Светлана ВУКЧЕВИЌ