ГРАЃАНИТЕ БЕГААТ ОД ЛИБАН: Најжесток напад досега – најмалку 182 лица загинаа, повеќе од 700 се повредени!

624
EPA-EFE/STRINGER

Израелската војска изврши нова серија напади врз Хезболах, предупредувајќи ги либанските граѓани да ги евакуираат објектите каде што тврдат дека е скриено оружје. Ова е најсмртоносниот напад на Израел врз Либан од почетокот на конфликтот на 7 октомври минатата година, а либанските власти соопштија дека најмалку 182 лица загинале, а повеќе од 700 се ранети.

Овие напади претставуваат ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах. Реципрочните напади ги зголемуваат стравувањата од можна војна од целосен обем, при што израелската војска изведува напади во јужен Либан и северните региони блиску до Сирија.

СМС пораки за предупредување

Граѓаните во Бејрут и други делови на Либан добивале СМС пораки и снимени повици со барање за итна евакуација.

-Порака до сите гражани во Либан, наскоро ќе нападнеме терористички цели во Либан. Ги повикуваме сите што се наоѓаат во близина на објекти или во домови каде Хезболах крие оружје, веднаш да се оддалечат од нив. Ова е за ваша безбедност и заштита – изјави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари, додавајќи дека следните напади ќе бидат во долината Бека.

Израел го обвинува Хезболах дека цели заедници на југот ги претвора во воени бази, што може да доведе до особено интензивно гранатирање.

Либанското Министерство за здравство издаде претходна изјава во која бара од сите болници на југот на земјата да ги откажат операциите кои не се итни.

На медицинските работници им било кажано да се подготват за ранетите кои би можеле да пристигнат во одделенијата за итни случаи.

За денеска и утре затворени се и училиштата во јужниот дел на земјата и во јужните предградија на Бејрут, соопшти Министерството за образование.

Родителите во либанската престолнина го поминаа денот брзајќи да ги земат своите деца од училиште, откако добија гласовни и СМС пораки со предупредување да ја напуштат областа.