Граѓанска иницијатива: „Да го изградиме Кочани. Одново. Со почит и љубов кон сите загинати и повредени. Им должиме“

16

По трагичната несреќа во која животите ги загубија 62 млади лица, граѓанската иницијатива објавена на Фејсбук-страницата „Кочани“ повикува на обединување, заедништво и изградба на поинакво, посовесно и почитувано општество. Со силна порака дека „им должиме“ на загинатите и повредените, објавата ја критикува политичката апатија и нефункционалноста на системот.

„Децении наназад не учеа да молчиме. Ни зборуваа дека тие знаат што е најдобро за нас. Ни ветија иднина, па ни ја одзедоа сегашноста“, се вели во објавата.

Се повикува на создавање на „нова политичка култура“ преку граѓански ангажман и заедничко делување. Од мали иницијативи по маала – уредување јавни површини, поставување корпи за отпадоци, до организирање собири на отворено и вмрежување на граѓаните со локалната самоуправа – се предлага модел на заедништво и одговорност што ќе ја трансформира општината.

Посебен акцент се става на поддршката на новиот независен градоначалник, за кого се вели дека „не може сам“, но дека претставува шанса за искрена промена, само ако добие поддршка од активните граѓани.

„Да го изградиме Кочани. Одново. Со почит и љубов кон сите загинати и повредени. Им должиме“, завршува објавата – како повик за обнова на градот, но и на заедницата, вредностите и свеста.

ИЗДВОЕНИ