Остануваат уште три дена (до 30 април) до завршувањето на мерката на Владата за ограничените маржи и нема информација што ќе содржи новата потрошувачка кошница, која нема да се вика минимална, туку просечна. Она што е познато, а беше најавено неодамна од заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, е дека во неа сигурно нема да има цигари, алкохол и овошје што не е карактеристично за периодот од годината.
– Не ја пресметуваме за четиричлено македонско просечно семејство, според Државниот завод за статистика е 3,06 или 3,08, односно за тричлено семејство. Земени се податоците за основните прехранбени земјоделски производи и за сè што е потребно и вклучено во одржувањето на животниот стандард на граѓаните и реалното пресметување на тие реални потреби што произлегуваат во секојдневното живеење – рече Ристески.
Тој информираше дека во формулата за кошницата се земени модалитетите од Државниот завод за статистика и од Државниот пазарен инспекторат од повеќе маркети во државава со највисоки, средни и со најниски цени, а ќе бидат земени и цените од зелените пазари и локалните маркети во регионите.
Од Министерството за економија велат дека сè уште се работи на кошничката. До крајот на месецов, просечната кошница треба да се разгледа на Економско-социјалниот совет откако претходно ќе ја добијат на увид синдикатите, организацијата на работодавците и на потрошувачите. ЕСС не може да се закаже, затоа што сè уште не е завршен процесот на утврдување на репрезентативноста на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Ристески оцени дека антикризните мерки со замрзнување на маржите даваат ефект, како и дека веќе се применува Законот за забрана на нефер трговските практики. Тоа го потврдува и анкетата на порталот мкд.мк, каде што се наведува дека граѓаните ја поддржуваат мерката со замрзнатите цени.
– Две третини од испитаниците ја поддржуваат владината мерка за замрзнување на маржите на дел од производите. Речиси половина од испитаниците (40,3 %) сметаат дека високите цени во најголема мера се должат на превисоките маржи на трговците. Над 40 % од испитаниците сметаат дека производите вклучени во мерката за замрзнување на маржите се добро одбрани, додека 13,2 % не се согласуваат со изборот на производите опфатени со оваа мерка. Од нив, најголем дел, односно 39,4 % изјавиле дека треба да се замрзнат цените на сите производи, а не само на дел. Речиси половина од испитаниците (40,3 %) сметаат дека високите цени во најголема мера се должат на превисоките маржи на трговците – покажала анкетата на граѓаните.
(С.Бл.)