Скопјани имаа повеќе варијанти на располагање за пречекот на Новата година. Иако беше објавено во 5 до 12, и годинава граѓаните имаа можност да ја прослават најлудата ноќ на плоштадот „Македонија“, но и пред салата „Расадник“ во Кисела Вода, искрено посакувајќи си поуспешна, побериќетна и, со еден збор, поубава година. На Градскиот плоштад, граѓаните имаа можност да уживаат во домашната музика, во изведба на „Љубојна“, „Ареа“, „Нокаут“, Сара Мејс. Пред салата „Расадник“, Општина Кисела Вода организираше незаборавна новогодишна прослава, која собра илјадници жители од Кисела Вода и од Скопје, а настапија „Куку леле“, Игор Џамбазов заедно со бендот „Гуру Харе“, ДНК, Врчак и Влатко Лозановски-Лозано
Скопјани имаа повеќе варијанти на располагање за пречек на Новата година. Иако беше објавено во 5 до 12, и годинава граѓаните имаа можност да ја прослават најлудата ноќ на плоштадот „Македонија“, но и пред салата „Расадник“ во Кисела Вода, искрено посакувајќи си поуспешна, побериќетна и, со еден збор, поубава година.
На Градскиот плоштад, граѓаните имаа можност да уживаат во домашната музика, во изведба на „Љубојна“, „Ареа“, „Нокаут“, Сара Мејс.
И скопската градоначалничка, Данела Арсовска, ја мина Нова година, заедно со скопјани, на Градскиот плоштад. Освен скопјани и гости од другите градови, на плоштадот имаше и туристи од странство.
Под наслов „Скопска новогодишна приказна,“ пред салата „Расадник“, Општина Кисела Вода организираше незаборавна новогодишна прослава, која собра илјадници жители од Кисела Вода и од Скопје. Настанот започна со настапот на „Куку леле“ и под водство на харизматичниот Игор Џамбазов, кој настапи заедно со „Гуру Харе бенд.“ Програмата продолжи со енергичната ДНК, на која ѝ се придружи Врчак, кој, по 15 години пауза, повторно се појави на музичката сцена. Вечерта кулминираше со настапот на популарниот Лозано, кој ја пречека Новата година заедно со публиката.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, им се обрати на присутните граѓани непосредно пред полноќ, упатувајќи им искрени новогодишни желби:
– Драги жители на Кисела Вода и на Скопје, оваа вечер ви ја посветуваме вам и на радоста, љубовта и на сплотеноста што ја носи Новата година. Ви посакувам добро здравје, лична и семејна среќа и уште многу успеси. 2025 година да биде година на поубави можности и на остварени соништа! Заедно да броиме до нови успеси и светли моменти. Среќна Нова година! – честиташе Ѓорѓиевски.
Со заедничко одбројување, огномет го осветли небото над Кисела Вода, додека публиката со воодушевување пееше, играше и се забавуваше со изведувачите.
Дел од граѓаните ја поминаа најлудата ноќ во домашна атмосфера, со своите семејства, пријатели, роднини. Оние што можеа да си дозволат малку повеќе, ја прославија најлудата ноќ во рестораните, кафулињата и во хотелите.
На првиот ден од новата 2025 година, дебармаалци со оро, чашка ракија и со мезе ја продолжија традицијата стара 97 години. Точно напладне се собраа пред кафеаната „Идадија“, каде што изиграа оро и си посакаа сè најубаво со песната „Ој Вардаре македонски“.
Беше избран новиот кум со кршење на погачата и со предавање на бајракот. Новиот кум, Михаил Узунов, истакна дека, за него, претставува голема чест како помлад да ја продолжи традицијата на својот татко, на постарите.
– Наше дете е и сакаме да продолжи оваа традиција уште многу години. За три години ќе биде стотата година – изјави стариот кум, Томислав Трифуновски.
Традицијата трае од изградбата на „Идадија“ во 1928 година. Обичајот почнал таа година и, речиси цел век, е задолжен за зачувување на стариот градски дух.
По боемските улици, трчаа новогодишните маратонци.
И членовите на мотоклубот „Ноќни волци“, заедно со мотоклубот „Букефал ЖР“, традиционално, на 1 јануари, се собраа на плоштадот „Македонија“, каде што со греана ракија, вино и со мезе што самите си ги подготвија си ја честитаа Новата година.
Недостигаше првиот човек, Ленин Јовановски, но оправдано, бидејќи е преку океанот, во Австралија. Моторџиите си посакаа многу здравје, друмови и што повеќе километри.
Јаков и Аја се првородените бебиња во Новата година
Јаков е првото бебе родено на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, само секунда по влезот во 2025 година. Бебето е тешко 3.190 грама, долго 50 сантиметри и тоа и мајката Сања Талевска-Догазански се во добра здравствена состојба.
На Клиниката за гинекологија, скопската градоначалничка, Данела Арсовска, ја посети мајката на првороденото бебе во Македонија во 2025 година, Сања, и им посака многу здравје и радости, со штедна книшка и со пригодни подароци.
– Наша желба за младата Сања Талевска и за целото семејство е заедно да се радуваат на успесите на Јаков во годините што претстојат – истакна Арсовска.
По неколку секунди во истата минута, во Гинекологија „Чаир“, во новата година се роди и Аја, која тежи 3.110 грама и е долга 50 сантиметри.
– Без разлика каде е родено првото дете, важно е да се раѓаат што повеќе деца, тоа е најважно. Ние имавме вибер-група во која добивавме информации од двете клиники во Скопје. За наша среќа, во иста минута добивме информација за породено дете и на ГАК и во Чаир. Да се множат ваквите вести, што повеќе новородени деца во секоја минута! – изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
(А.П.)