Во февруари е забележан раст на депозитите во банките, но има и пораст на кредитирањето. Според податоците на Народната банка, минатиот месец вкупните депозити бележат зголемување од 11,1% на годишно ниво како резултат на тоа што граѓаните повеќе депонирале пари во банките, а вкупните кредити пак, бележат раст од 11,5% исто така на годишно ниво на корпоративниот сектор.
– Месечната и годишната промена во целост се должат на зголеменото кредитирање во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута – нагласуваат од Народната банка.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во февруари, кај потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории е забележан месечен раст од 0,9% и 1,2%, соодветно, при годишен раст од 8,5% и 13,3%, соодветно.
Во февруари, автомобилските кредити се намалени за 0,8% на месечна основа, додека на годишна основа бележат зголемување од 6,5%.
Овој месец, кредитите одобрени на кредитните картички остварија месечно и годишно намалување од 1,8% и 9,0%, соодветно.
Во февруари, кај негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи е забележан месечен пад од 0,9% и 1,5%, соодветно, како и годишно намалување од 5,0% и 9,5%, соодветно.