Жителите на Кавадарци од денеска можат бесплатно да изнајмуваат велосипеди. За оваа намена, Општината обезбедила околу шеесет велосипеди, кои се во одлична состојба.
– Со одлука на Советот на Општината, му ги дадовме на ЈП за градски превоз – Кавадарци. Тие се поставени на две локации, едната е до Туристичко-информативното биро, во строгиот центар на градот. Втората, до споменикот на 12 ваташките другари, каде што има повеќе од шест километри велосипедска патека, со можност за рекреирање – соопшти градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.
Секој ден од 9:00 до 21:00 часот ќе може бесплатно да се изнајми велосипед, со личен документ за идентификација. Воедно, лицето што го изнајмува велосипедот ќе треба да потпише изјава. Целта на овој проект е да се мотивираат луѓето помалку да користат автомобили, а едно полнолетно лице ќе може да изнајми четири велосипеди, два за возрасни и два за деца.