Со новата потрошувачка кошница граѓаните ќе заштедат до 1.600 денари, покажуваат пресметките на Владата. Во новата потрошувачка кошница нема да има цигари, алкохол и несезонско овошје, а одмор во странство и купување нов автомобил, исто така не се планираат во пресметката на владината потрошувачка кошничка. Во новата потрошувачка кошничка ќе бидат вклучени сите видови овошја и зеленчук што се произведуваат во земјава. Овошјата и зеленчукот ќе се вметнуваат во кошничката етапно, сезонски, зависно од периодот во кој доспеваат и се користат
Во новата потрошувачка кошница нема да има цигари, алкохол и несезонско овошје, но ќе има домашно овошје, зеленчук и други сезонски земјоделски производи. Одмор во странство и купување нов автомобил, исто така не се планираат во пресметката на владината потрошувачка кошничка. Методологијата за утврдување на пресметката на цените ќе се базира на податоците на Пазарниот инспекторат и Државниот завод за статистика.
Во делот на храната и пијалаците ќе се прави анализа на цените во различни маркети и ќе се утврдува просечната цена, а ќе бидат земени цени и од зелените пазари и локални маркети во регионите. Целта е да се определат реалните парични средства потребни за покривање на трошоците за живот. Новата потрошувачка кошница ќе се пресметува за тричлено, а не за четиричлено семејство како досега.
-Нашата потрошувачка кошничка нема да користи алкохол, цигари, летување во странство во пресметките бидејќи тоа го сметаме за луксуз. Исто така нема да има овошје кое не е карактеристично за одредена сезона во годината. Сето ќе биде врз база на релевантни податоци и релевантни цени на производи и податоци од повеќе маркети. Сите цени ќе се земат во предвид. Никој не го скратува правото на одмор, но, сепак одењето на одмор во странство не може да си го обезбеди секој граѓанин во земјава – сметаме дека не е еден од податоците кој треба да влезат во пресметката на просечната потрошувачка кошничка, изјави заменик-министерот Марјан Ристески.
Според него, намалувањето ќе биде над 1.000 денари, односно може да достигне дури до 1.600 денари.
Во новата потрошувачка кошничка ќе бидат вклучени сите видови овошја и зеленчук што се произведуваат во земјава. Овошјата и зеленчукот ќе се вметнуваат во кошничката етапно, сезонски, зависно од периодот во кој доспеваат и се користат. За таа цел Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство согласно Календарот на производство на земјоделски култури изработи посебен Календар – кои земјоделски култури во кој период доспеваат и се користат и го достави до Министерството за економија.
Марјан Петрески од „Фајнанс тинк“ мисли дека е во ред и државата покрај синдикатот да креира потрошувачка кошничка.
-Потрошувачката кошничка треба да се креира структурно врз основа на официјалната статистика. Во ред е да учествуваат министерствата за економија и финансии, но основно е да се базира на официјалната статистика, а тоа е Државниот завод за статистика, порача Петрески.
Според најавите, пресметката за кошничката е веќе готова и ќе оди на усогласување со синдикатите, Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачите. За да биде верификувана ќе мора да биде помината и гласана во Економско социјалниот совет и најверојатно до крајот на месецов да биде претставена пред ЕСС.
(А.С.)