Ќе ја почекаме одлуката на Граѓанскиот суд, доколку не успееме пред нашите судски инстанци, ќе поднесеме тужба против државата во Судот за човекови права во Стразбур – вели адвокатот Влатко Илиевски. Освен Јанкуловска, и поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, води правна битка пред Основниот граѓански суд. Обесштетување од државата поради следење на нивните телефони, преку граѓанска постапка, бараат околу 177 лица, политичари, бизнисмени, новинари, сведоци во кривичната постапка „Таргет – Тврдина“, чија пресуда првично беше укината од Апелациониот суд, а подоцна делото застаре и никој не одговараше за прислушувањето
Тужбата со која поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, преку граѓанска постапка, бара отштета за претрпената душевна болка од масовното прислушување кое било правено во тогашната УБК, е поднесена пред една година и предметот во моментов е во фаза на изведување материјални докази, изјави за весникот ВЕЧЕР адвокатот Влатко Илиевски. Тој вели дека тој процес е независен со предметот за случајот „Тврдина“, во кој Судот ја ослободи од вина за уништување на системите за следење на комуникациите.
– Гордана Јанкуловска не беше обвинета за незаконското прислушување, туку за системите, а тоа што случајот застаре не значи дека не може да се утврди во граѓанска постапка кој прислушувал. Тужбата во Граѓанскиот суд е против државата, не против физичко лице, а со оглед на тоа што таа и Миле Јанакиески беа најмногу прислушувани, висината за надоместокот на штета би требало да се мери сразмерно со таа околност. Во прилог на тоа е и изготвеното вештачење за претрпената болка – објаснува адвокатот и сопруг на Јанкулоска.
Во дел од случаите што ги отвори тогашното СЈО, ексминистерката беше обвинета. Сега, нејзината одбрана докажува пред Граѓанскиот суд дека и таа била една од оштетените на кои им е повредено правото на приватност.
– Ќе ја почекаме одлуката на Граѓанскиот суд, доколку не успееме пред нашите судски инстанци, ќе поднесеме тужба против државата во Судот за човекови права во Стразбур – вели Илиевски.
Освен Јанкуловска, и поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, води правна битка пред Основниот граѓански суд.
Обесштетување од државата поради следење на нивните телефони, преку граѓанска постапка, бараат околу 177 лица, политичари, бизнисмени, новинари, сведоци во кривичната постапка „Таргет – Тврдина“, чија пресуда првично беше укината од Апелациониот суд, а подоцна делото застаре и никој не одговараше за прислушувањето.
За вкупно 38-мина од „таргетираните“ новинари се водат постапки за надоместок на штета во Основниот суд Скопје 2. Од Здружението на новинари велат дека, иако застарела кривичната постапка, сепак има можност да продолжат постапките и токму за тоа е закажано рочиште. Новинарката Валентина Вурмо, која е еден од тужителите, се надева дека Судот ќе ја обештети за нелегалното прислушување на нејзиниот телефонски број во периодот од 2008 до 2015 година.
– Тоа што застаре случајот „Таргет“, не значи дека незаконскиот упад во приватноста на илјадници граѓани, меѓу кои сме и ние, новинарите, не се случил. Затоа очекувам Граѓанскиот суд да изнајде начин и да досуди обесштетување за оштетените. За разлика од кривичната постапка, и тука би морало да се најде виновник, но овој пат прстот ќе биде вперен кон институцијата (УБК), а не кон физички лица. Сигурно во прилог оди и пресудата за „Тврдина“, која го потврдува незаконското прислушување од УБК, се разбира доколку набрзо стане правосилна. Доколку дојде до обесштетување, за жал, тоа ќе биде наплатено од џебот на сите граѓани, односно од државниот буџет, а не од оние што го вршеле нелегалното масовно прислушување – вели Вурмо за весникот ВЕЧЕР.
Според обвинението што го поднесе поранешното СЈО, околу 20.000 граѓани незаконски биле следени преку 5.827 телефонски броја за кои не биле издадени судски наредби. Дел од прислушуваните сведочеа во судницата во текот на судските рочишта за „Таргет –Тврдина“. Новинарите, во најголем дел, сведочеа дека добивале деманти на уште необјавени телевизиски прилози, како и дека по избивањето на аферата, изворите на информации се плашеле да разговараат со нив. Сведочеа и бизнисмени, банкари што претрпеле штети во бизнисот. (П.А.)