Од ЛДП предлагаат новиот „Викенд без ДДВ“ да има две варијанти. Првата е да се воведе на ниво на целата држава и втората, да се воведе во одделни градови за определени денови, значајни за конкретниот град (викенди, пазарни денови, локални празници итн.). Оттаму предлагаат да се воведат вакви викенди за одредени градови за одредени празници, во текот на кои имаат голема посетеност и голем број туристи однадвор, со цел да се зголеми туристичката понуда и да се привлечат поголем број гости
ЛДП повторно ја активира идејата за враќање на мерката „Викенд без ДДВ“, како мерка што може да ја поттикне економијата и да има значително влијание во подобрувањето на македонската економија.
– „Викенд без ДДВ“ е предлог на ЛДП вметнат во партиската програма уште во 2012 година и беше мерка од претходната Влада, која додека беше активна, покажа добри резултати. Предлагаме новиот „Викенд без ДДВ“ да има две варијанти. Првата е да се воведе на ниво на целата држава и втората, да се воведе во одделни градови за определени денови, значајни за конкретниот град (викенди, пазарни денови, локални празници итн.) – вели Љубен Аврамовски, портпарол на ЛДП и потпретседател на Либерално-демократската младина (ЛиДеМ).
Оттаму бараат да се воведе мерката „Викенд без ДДВ“ пред почетокот на школската година, но и пред Велигден, на територијата на целата држава.
– Со повторното воведување на оваа мерка, граѓаните добиваат пониски цени, трговците добиваат поголем викенд- промет, производите ќе бидат поевтини за 5 до 18 проценти, а целата економија ќе се освежи и ќе добие нов импулс. Намалените државни приходи ќе бидат незначителни во споредба со ефектот што ќе се постигне од зголемената потрошувачка и што неколкукратно ќе биде надоместен – посочува Аврамовски.
Тој предлага да се воведат вакви викенди за одредени градови за одредени празници, во текот на кои имаат голема посетеност и голем број туристи однадвор, со цел да се зголеми туристичката понуда и да се привлечат поголем број гости.
– На пример, Охрид би го добил својот викенд во текот на Водици, Берово на Богородица, Прилеп за „Пиво-фест“, Велес за Пастрмалијадата, Струмица во текот на карневалот и така натаму – вели Аврамовски и упатува апел до сите за отворена дебата за оваа предлог-мерка и за нејзина имплементација.
Во ЛДП се убедени во корисноста на мерката и веруваат дека ефектот што ќе го има значително ќе се одрази како на целокупната економија така и на локалните градски економии.