Откако вчера започнаа акција за чистење на сметот и го исчистија Маџир Маало, Општина Центар и ЈП ПОЦ ги повикуваат граѓаните да пријават лоакции каде има смет и дива депонија телефонски, со цел службите брзо да интервенцираат.
-Граѓаните можат да ни испратат фотографија од населеното место коешто треба да биде исчистено, а Град Скопје не си ја има завршено својата основна задача. Нашите служби веднаш ќе излезат на терен и ќе се погрижат за хигиената во општината – известуваат од Општина Центар и додаваат дека проблемот може да се пријави на телефонските броеви: 076/350-767 и 02/3203-693
Оттаму, повторно апелираат до Град Скопје и скопската градоначалничка Данела Арсовска да водат поголема грижа за чистотата на улиците кадешто имаат надлежност, за како што велат, повторно да не се соочат со смет.
-Граѓаните заслужуваат чиста општина. Центар не чека, Центар чисти – нагласуваат од локалната самоуправа.
Општина Центар и вработените од ЈП ПОЦ, денеска чистеа на две локации кадешто надлежност има Град Скопје. Општинските служби го исчистија сметот на улицата „50 Дивизија“, во близина на Клиничкиот Центар и улиците на Кале.
-И покрај реагирањето и четиридневното самостојно чистење на сметот од страна на Општината, сѐ уште Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска го немаат собрано целото ѓубре од улиците во Центар кадешто имаат надлежност – вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.