Регионалниот центар за управување со кризи пренесе информација дека кај нив се јавил граѓанин што пријавил високо ниво на аерозагадување. Оттаму истакнаа дека непријатниот мирис на запалени гуми, пластика и хемикалија се чувствувал во поширокото централно градско подрачје. Викендов имало и десет пожари на отворено, во околината на Куманово и на подрачјето на Општина Старо Нагоричане
Кумановци бараат засилен инспекциски надзор, санкции за несовесните граѓани што палат оган на отворено, како и проактивно дејствување на надлежните институции.
Изминатиов викенд, Куманово беше најзагаден град во земјава. Мерењата на станицата на Министерството за животна средина и просторно планирање покажаа пет пати повисоко ниво од дозволеното на штетните честички во воздухот.
Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) пренесе информација дека кај нив се јавил граѓанин што пријавил високо ниво на аерозагадување. Оттаму истакнаа дека непријатниот мирис на запалени гуми, пластика и хемикалија се чувствувал во поширокото централно градско подрачје.
Викендов имало и десет пожари на отворено, во околината на Куманово и на подрачјето на Општина Старо Нагоричане. Според истражувањата изработени преку проект во Куманово, дефинирани се шест извори на загадување: согорувањето биомаса, сообраќајот, палењето оган и отпад на отворено, согорувањето мазут и нафта, со најмал процент се минералната прашина и секундарните аеросоли.
Лекарите од Куманово во неколку наврати информираа дека е зголемен бројот на пациенти по различни оддели, сè поголем бројот пациенти се жалат на тегоби предизвикани од аерозагадувањето, отежнато дишење, тежина во градите, сува кашлица. Тие препорачуваат прошетки на отворено само доколку се забележи намалување на аерозагадувањето, оние што имаат можност, да набават прочистувачи за внатрешен престој.
Од локалната самоуправа велат дека Куманово одвојува најмногу средства во државата за мерки против аерозагадувањето.
– Како долгорочни се сметаат гасификацијата и пошумувањето. Општина Куманово годинава субвенционира набавка на инвертер клими, а продолжува и субвенционирањето на приклучокот кон гасификациската мрежа. Изминатиов период, преку проекти беа насадени висококвалитетни садници на различни локации, а воведен е и бесплатен градски превоз – информираат општинските власти.