Деветнаесетгодишниот Јован Костадинов од Виница е еден од хероите од големиот пожар во Кочани. Tој без двоумење влегол во опожарениот објект и успеал да спаси повеќе од 20 деца, откако претходно ја натопил маицата со вода и ја ставил на лицето да се заштити од огнот пред да тргне во херојскиот подвиг.
Младиот Јован е еден од повредените во пожарот кој се случи во неделата рано наутро во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 59 млади животи.
Граѓаните во многу објави на социјалните мрежи му се заблагодаруваат на Јован, за кого велат дека е „тивкиот херој“ на драмата што ја зави цела Македонија во црно, му се восхитуваат и ги повикуваат властите да му доделат орден за храброст.
Мајка на едно од децата кои Јован ги спасил јавно му се заблагодари на младиот херој:
„Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и исплашени, Јован се појави како светилник на надежта. Без размислување го зеде син ми кој беше под урнатините на дискотеката и го носеше на грб низ оган и чад, сè до болницата во Кочани, за да го спаси, додека сите околу него трчаа и се бореа за живот“, стои во нејзината објава.