– Историјата на развојот на градовите отсекогаш била испреплетена со развојот на инфраструктурата. Градскиот идентитет, самото негово постоење како карактеристичен општествен, културен, воен, па дури и симболичен ентитет, беше детерминиран од оваа инфраструктура. Самиот живот на градовите и циркулацијата на луѓе, добра и на идеи беше овозможен и обезбеден преку мрежата на градски улици, кои истовремено служеа како комунална инфраструктура за мобилност и социјална инфраструктура како јавен простор. Токму ова е причината денес да имаме нов поглед на нашите градски улици, но овој пат надвор од нивната техничка природа, односно да ја разбереме архитектурата на инфраструктурата и како можеме да ги направиме нашите градски улици поодржливи, поинклузивни и, пред сè поубави, истакна проф. д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет, на шестата меѓународна научна конференција „City Street“ (Градска улица), која се одржа во Скопје.
Според професор Марина, современите градови станале уште позависни од архитектурата и од инфраструктурата и процесот на нивното создавање ќе се наруши со новата инфраструктура.
– По завршувањето на Втората светска војна, поради процесот на реконструкција на главните европски градови, а особено кон крајот на 50-тите и 60-тите години на 20 век, ова негативно влијание ќе стане поизразено, главно, поради зголемената специјализација на инфраструктурата, каде што знаењата и практиката на создавањето на инфраструктурата ќе останат резервирани исклучиво за инженерите и за другите техничари. Ова суштински ќе го промени начинот на кој се замислени, проектирани и користени градските улици, односно ќе ја загубат својата вредност како јавен простор – потенцираше Марина.
Во проектот за постземјотресна реконструкција на Скопје во 1965 година, а особено преку мегаструктурите и метаболистичката архитектура на Кензо Танге, архитектурата на Скопје ќе биде согледана, пред сè, како инфраструктура за развој на општеството и за развој на градот.
– Овие процеси на соработка и посредување меѓу различни концепти, идеи, дисциплини, размери и знаења се важни не само за обидот да се премости јазот помеѓу инженерството, архитектурата, урбанизмот и креирањето политики туку и затоа што создаваат нови односи и дијалог меѓу истражувачите, научниците и граѓаните, така што темите за солидарноста, меѓународната соработка и размената на знаења како да ги подобриме нашите градови може повторно да заземат клучна улога во начинот на кој ги замислуваме и ги градиме нашите градови – заклучи проф. Марина.
Конференцијата „City Street“ е научна конференција, која овозможува создавање научен форум за претставниците и за учесниците од академската заедница, но и од индустријата, архитекти, урбанисти, социолози, психолози, да ги презентираат своите научни истражувања, но и промислата за сегашноста и за иднината на градовите и особено нивниот јавен простор.
Во рамките на конференцијата, а во новата галерија на Архитектонскиот факултет, отворена е изложба на фотографии од конкурсот за фотографија насловен „Убавината е на улиците“ (La Beaute est dans la rue), на која беа доделени и награди за најдобра фотографија.
На конференцијата, предавање одржаа реномирани професори, научници, но и проектанти, кои во својот фокус ги имаат градовите и јавните простори, како: проф. д-р Класке Хавик од Техничкиот универзитет во Делфт, Холандија; проф. д-р Ендрју Карвонен од Универзитетот „Лунд“ во Шведска; Џовани Ботини, директор на Сустематика“, компанија од Милано, Италија, и проф. д-р Чарлс Валдхајм од Универзитетот Харвард во САД.
(С.Бл.)