Во рамки на проектот „Направи разлика“, чија имплементација со локални активности се спроведува и во општина Делчево, во наредниот период ќе се реализира активноста „Опремување и осветлување на Градскиот парк во Делчево“, информираше градоначалникот, Горан Трајковски.
Иницијативата за ваква активност е на членовите на Младинска банка – Делчево, кои се поддржани од Колеџот на заедницата – Делчево.
– Активноста опфаќа набавка и монтажи на урбана опрема односно клупи. Предвидена е замена на постојните клупи во градскиот парк во Делчево, но и поставувaње нови на неколку локации во градот. Во првата фаза од проектот, преку набавка спроведена од Општина Делчево, набавени се 10 стандардни клупи и осум клупи со должина од 31 метар, наменети за паркот кај паднатите борци и фонтаната „Бесконечност“ во Делчево – истакна Трајковски.
Втората фаза ќе биде реализирана со набавка на дополнителен број клупи од страна на Здружението „ Регионален центар за застапување“, како носител на проектот кое ќе набави уште 48 клупи.
– Клупите ќе бидат постaвени на локации во градскиот парк, и на локации низ градот каде што е утврдена потреба од ваков вид урабана опрема. Сите предвидени активности треба да завршат до декември годинава – појасни Трајковски
Во Младинската банка Делчево членуваат млади од 15 до 30 години, додека претставници на бизнис-секторот и НВО-секторот од Делчево се дел од Колеџот на заедницата.
Проектот е во имплементација на Фондацијата за развој на локалната заедница Штип, а финансиран од УСАИД.