Eколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица на први април годинава поднесе кривична пријава против актуелниот градоначалник на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, поради сериозни прекршувања на законите и загрозување на животната средина и јавниот интерес.
Сметаат дека има сериозни индиции за: злоупотреба на службената положба, фалсификување службена исправа, компјутерски фалсификат, употреба на исправа со невистинита содржина, примање награда за противзаконито влијание, злосторничко здружување, бесправно градење, перење пари, даночно затајување, злоупотреба на постапка за јавна набавка, како и судир на интереси (Закон за спречување на корупција).
Според наодите на „Здрава котлина“, била издадена дозвола за леарница за алуминиум, лажно класифицирана како лесна индустрија (Г2), иако реално претставува тешка загадувачка индустрија (Г1.3), со што се загрозени изворската вода за Ново Село, реката Струмица и животната средина во близина на селото Самуилово. Исто така, се фалсификувале документи, компјутерски измени и прикривање информации од јавен интерес. Воедно, се вршела репресија врз вработени, советници и активисти, преку мобинг, преместување, тужби и инспекциски контроли, била ангажирана фирма чиј сопственик е таткото на градоначалникот, каде што се давале сомнителни авансни позајмувања во повеќе трансакции над 500.000 евра, пред издавање на фалсификуваната градежна дозвола, што укажува на судир на интереси и можно перење пари. Меѓу другото, бил оневозможен и јавен увид на јавните документи, биле укинати преносите од седниците – прекршување на транспарентноста и правото на учество на јавноста во процесот на носење одлуки поврзано со јавниот интерес за забрана на Г1 тешка загадувачка индустрија на помалку од пет километри од населено место или заштитено подрачје.
– Овие дејства претставуваат тежок облик на злоупотреба на службената положба, со реални последици за здравјето, безбедноста и правата на граѓаните. Ние, граѓаните, не сме само набљудувачи. Ние сме носители на демократијата. Она што се случува денес во Ново Село е опасен пример на локална диктатура, киднапирање на граѓанската волја од еден човек и неговиот татко, прикриена зад административни процедури и насилна тишина. Животната средина, водата за пиење, здравјето на децата, законитоста и транспарентноста се директно загрозени. Молчењето нема да нè спаси. Акцијата, солидарноста и пријавувањето на неправдата ќе нè ослободат – сметаат од Здружението.
Тие апелираат до граѓаните да не молчат пред неправдата и секој што има сознанија, сведоштва или документи поврзани со злоупотреби, корупција или притисоци, да ги пријави до надлежните институции или преку здруженијата што се борат за јавниот интерес.
Апелираат и до вработените во Општина Ново Село да не потпаѓаат под притисоци за незаконски постапки.
Од Здружението велат дека пријавата се темели на конкретни факти и укажува на организирано и систематско кршење на законите од страна на градоначалникот и негови соработници.
– Оваа постапка е ветена од Здружението веднаш по првите граѓански протести и особено по растечката репресија, која кулминира со поднесување кривични пријави и приватни тужби против граѓани за објави на социјалните мрежи, како и со злоупотреба на јавната функција и оневозможување јавни услуги. Ниту еден избран функционер не е над законот и ова треба да биде пример за сите – потенцираат од „Здрава котлина“.
Оттаму додаваат дека во процесот на обезбедување докази биле откриени нови индиции за дополнителни незаконски дејства и оти во наредниот период ќе бидат поднесени нови кривични пријави за најмалку две сериозни кривични ситуации.
Здружението бара вонредна и целосна државна ревизија на работењето на Општина Ново Село, со акцент на финансискиот и урбанистичкиот сектор, архивирањето и правниот промет, поддршка за граѓаните што се подложени на притисоци и нарушување на своите права од страна на градоначалникот, како носител на јавна функција, и неговиот татко, како што велат, како соучесник во извршените нелегални дејства и расветлување на злоупотребите што ги трпат сите што не се согласуваат со политиките на градоначалникот и неговото блиско опкружување.
Кривичната пријава е поднесена до Републичкото, основните и вишите јавни обвинителства (Скопје, Струмица, Штип), Секторот за економски криминал и корупција при МВР, Управата за финансиска полиција и финансиско разузнавање, Државната комисија за спречување на корупцијата и до Државниот завод за ревизија.