Ден по нередите, градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, ја посети зградата на Градската куќа, која беше оштетена за време на вчерашниот протест.
„Барам што поскоро да се гонат сите кои учествуваа во уривањето на Нови Сад и во уривањето на Градската куќа и да бидат казнети согласно законот. Ние секако ќе извршиме проценка на целиот имот кој е оштетен и уништен и ќе преземеме адекватни судски постапки против оние кои ја нанеле штетата на градот Нови Сад“, рече Ѓуриќ.
На прашањето дали ќе поднесе оставка, што беше едно од барањата на учесниците на протестот во Нови Сад, Ѓуриќ рече дека протестите се „директен напад врз претседателот на државата Александар Вучиќ“ и дека барањата на учесниците на протестот немаше никаква врска со оставка на никого, ниту него, ниту со премиерот Милош Вучевиќ.
Инаки, девет лица се уапсени поради нереди на протестот во Нови Сад, на барање на Вишото и Основно јавно обвинителство во тој град, се вели во заедничкото соопштение на двете обвинителства.
Според соопштението, од деветмината уапсени за нереди на вчерашниот протест, шест лица се осомничени за сторено кривично дело – Насилничко однесување на спортски настан или јавен собир, едно лице за кривично дело – Уништување и оштетување на туѓ имот, едно лице за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење на службена должност и едно лице за кривично дело – Предизвикување општа опасност.
Во соопштението се додава дека се уште трае потрагата по сторителот на кривичното дело Оштетување на угледот на Република Србија, додека интензивно се работи на утврдување на идентитетот на други лица за кои постојат основи на сомнение дека имаат сторил кривично дело Напад врз службено лице при вршење на службена должност, односно кривично дело Уништување и оштетување туѓ имот.
Немирите избија по протестот на 5 ноември, на кој се бараше одговорност од властите за смртта на 14 лица во уривањето на настрешницата на железничката станица во тој град. По првичниот собир пред железничката станица во Нови Сад, демонстрантите во протестна колона пристигнаа пред Градското собрание.
Тогаш групи мажи, главно со маски и качулки, почнаа да фрлаат камења и други предмети кон седиштето на градската власт. Тие ја скршиле влезната врата и прозорците, а полицијата одговорила со солзавец од Градското собрание.
Судирите траеја речиси три часа, а продолжија на улиците во близина на Градското собрание. Полицијата приведе дел од учесниците во нередите, а опозициските партии и некои невладини соопштија дека се уапсени и мирни демонстранти.