Од групата скопски велосипедисти „На точак“ ја критикуваат практиката на општините Карпош, Центар и Кисела Вода да им даваат субвенции на младите за полагање возачки испит за Б-категорија, бидејќи тие нема да имаат никаков ефект за безбедноста.
Сметаат дека со тоа само го рекламираат возењето автомобили и собираат лесни поени за политичарите. Тие додаваат дека градоначалниците треба да се засрамат што свесно се одлучуваат за мерка што, како што велат, не била прифатлива во минатиот век, а не, пак, денес, кога се преплавени улиците од автомобили, владее небезбедност, хаос, поточно ужасен град за еден млад човек и она што треба сигурно не е уште поголемо поттикнување на таа автоцентрична култура.
– Дополнително, овој вид таргетирана субвенција дадена на штотуку полнолетни лица, во изборна година, може да се смета за лесно и директно влијание на новите гласачи – ценат од „На точак“.
Тие нагласуваат дека она што очајно му треба на Скопје се храбри политичари, кои ќе го намалат бројот на автомобили на улиците, ќе ги ослободат тротоарите, ќе го развијат јавниот превоз да биде беспрекорен (чист, достоинствен, редовен, побрз од автомобилите), ќе ја доразвијат велосипедската мрежа, ќе го смират сообраќајот и ќе направат животот на младите (и на сите) да функционира совршено дури и без автомобил или со минимална употреба на автомобили.
– Но, за тоа се потребни визија, храброст, знаење, многу работа, меѓуинституционална соработка, многу конфликти со востановени практики, промена на културата. За субвенции, од друга страна, треба само еден јавен повик – децидни се од „На точак“
Ова го започна Општина Карпош, а по неа и Центар и Кисела Вода.
– По неколку страшни сообраќајни судири во кои виновниците се млади возачи на автомобили, место да имаат зголемени активности и инвестиции во овозможувањето безбедна и незагадувачка урбана мобилност за младите (подобри услови за пешачење, движење со инвалидска или соп бебешка количка, возење велосипед, тротинет, ролшуи, итн.), градоначалниците решаваат да ги стимулираат тинејџерите побрзо да добијат возачка дозвола за управување со автомобил – нагласуваат од „На точак“.
Потенцираат дека и субвенциите за велосипеди не се за замена за инфраструктурните мерки.
– Затоа и сме ги критикувале кога ги распишувале без подобрување на инфраструктурата. Нив сме ги прифатиле единствено како реклама, подобро е субвенции за велосипеди отколку билборди со реклами: „Вози велосипед“. Слично, и овие субвенции се со тежина на реклама и ништо повеќе. Нема да имаат никаков ефект врз безбедноста. Само го рекламираат возењето автомобили и собираат лесни поени за политичарите – заклучуваат од „На точак“.
(А.П.)