Градоначалникот Ѓорѓиевски и отец Оливер подготвуваа оброци за социјално загрозените

37

Меѓународниот ден за борба против гладот, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и отец Оливер го започнаа во црковно-народната кујна на хуманитарната организација „Свети Спас”, лоцирана во Долно Лисиче. Таму, заедно со вработени од Општина Кисела Вода, и волонтерите од хуманитарната организација подготвуваа оброци за социјално загрозените семејства. Оброците потоа ќе се поделат на финансиски немоќните семејства, а исто така, Општина Кисела Вода заедно со двете градинки од оваа територија ќе поделат и хуманитарни пакети.

– Во време кога многумина се соочуваат со големи предизвици, нашата обврска е да подадеме рака и да помогнеме на оние на кои им е најпотребно. Хуманоста е темелот на едно здраво и солидарно општество. Малите дела на добрина имаат голема моќ да внесат светлина во животите на луѓето. Овие оброци што денес ги подготвуваме се повеќе од храна – тие се симбол на грижа, љубов и поддршка, порака дека никој не треба да биде оставен сам во тешки моменти – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.