-Локалната самоуправа е срцето на локалниот развој, таа е тука да ги препознае и задоволи потребите на секој граѓанин, да го унапреди животот во нашите општини и да обезбеди услуги кои се брзи, ефикасни и достапни за сите – рече премиерот Христијан Мицкоски на годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација во организација на Министерството за локална самоуправа. Според министерот за локална самоуправа, Златко Перински, приоритети на оваа Влада се создавањето на пофункционална локална самоуправа, подобрување на квалитетот на јавните услуги и изградба на партнерство и доверба со граѓаните. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во своето излагање, ги презентираше приоритетите и заложбите на ЗЕЛС, особено во делот на децентрализацијата и финансиската стабилност на општините
Не смееме да дозволиме градоначалниците да станат локални владетели, ниту пак статисти во процесите, туку фактори за развој и решавање на проблемите. Ова го истакна денеска, премиерот Христијан Мицкоски, на годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација во организација на Министерството за локална самоуправа, насловена „Кон одржлива локална самоуправа: предизвици, можности и стратегија за иднината“.
– Ние покажуваме со пример дека работиме за сите општини. Преку Министерството за локална самоуправа се менаџира процесот, кој како Влада го реализираме за 250 милиони евра капитални инвестиции, каде што пари имаат добиено сите општини што ги исполнија условите, со што покажуваме дека за нас приоритет е локалниот развој – подвлече тој.
Мицкоски истакна дека локалната самоуправа е срцето на локалниот развој и како што рече тој, таа е тука да ги препознае и задоволи потребите на секој граѓанин, да го унапреди животот во нашите општини и да обезбеди услуги кои се брзи, ефикасни и достапни за сите.
Премиерот додаде дека визијата е да се изгради локална самоуправа што ќе биде вистински партнер на секој граѓанин, но и да се создадат услови каде што општините нема да бидат само администратори, туку активни двигатели на економскиот раст, на иновациите и на социјалната кохезија.
-Работите што ги наследивме во поглед на локалната самоуправа и тоа што минатите влади преземале на тој план не се добри. Предолго општините биле предмет на политички пазар и поддршката на централната власт исклучиво зависела од тоа дали раководствата на единиците на локалната самоуправа кохабитираат со тие на централната власт. Па затоа, ќе потсетам дека изворно како и доскорешен лидер на опозицијата сум запознаен со тоа низ што сè градоначалниците поминуваа на тој план – истакна Мицкоски, нагласувајќи дека и на тој план, единствено и најголемата цена ја плаќаа граѓаните.
-Морам да кажам дека тоа станува минато и ако сакаме развој, тој ќе е целосен со сите аспекти и чинители вклучени во него. Вложуваме значителни напори да ја зајакнеме улогата на локалните власти. Преку финансиска децентрализација, инвестирање во инфраструктурата и дигитализација на услугите, покажавме за кус период дека развојот на локалната самоуправа е наш приоритет – истакна Мицкоски.
Според него, останува уште многу работа.
-Пред нас е предизвикот да обезбедиме целосна транспарентност, отчетност и еднаков пристап до сите ресурси. Само со заеднички напори и партнерство помеѓу централната и локалната власт можеме да изградиме општини кои ќе бидат пример за добар управувачки модел – рече премиерот.
Мицкоски потсети дека Министерството за локална самоуправа почна со постапка за консултации на нов Закон за локална самоуправа, со што, како што рече, ќе се надминат сите недостатоци и ќе се инкорпорираат искуствата од праксата.
-Локалната самоуправа не е само ниво на власт. Таа е симбол на нашиот заеднички стремеж за подобар живот. Таа е инструмент преку кој граѓаните ја реализираат својата моќ и визија за подобро утре. Ајде сите заедно, без разлика на политичките, етничките или географските разлики, да вложиме напори за силни и успешни општини кои ќе бидат гордост на нашата држава – порача премиерот.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, рече дека создавањето на пофункционална локална самоуправа, подобрување на квалитетот на јавните услуги и изградба на партнерство и доверба со граѓаните се клучни приоритети на оваа Влада. Затоа, потенцираше, има максимална посветеност на поддршка на развојот на локалната самоуправа.
Перински додаде дека од самиот почеток биле идентификувани клучните предизвици со кои се соочуваат општините.
Тој се осврна и на финансирањето на 274 капитални инфраструктурни проекти, а за директната поддршка рече дека ќе продолжи и в година, за, како што додаде, инфраструктурен развој и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Перински исто така проговори и за почнатиот процес за унапредување на Законот за локална самоуправа, со цел да се врати можноста за отповик на градоначалник. Да се обезбеди, како што рече, механизам за засилен комунален ред и надзор, како и поголема вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуките, што е и смислата на локалната самоуправа.
Во периодот што следува, министерот за локална самоуправа нагласи дека акцентот е ставен на Ресурсниот центар за поддршка на општините и за нивна дигитализација.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во своето излагање ги презентираше приоритетите и заложбите на ЗЕЛС, особено во делот на децентрализацијата и финансиската стабилност на општините.
Меѓу приоритетите тој ги издвои: подобрување на финансиската стабилност на општините, вклучувајќи го барањето општините да добиваат најмалку 10% од ДДВ и 50% од персоналниот данок, реформи во методологиите за распределба на блок-дотациите, посебно за основното образование, противпожарната заштита и социјалната заштита; зголемување на дигиталните услуги за граѓаните, каде ЗЕЛС има значајни визионерски заложби, реализирани преку платформи како „www.gradezna-dozvola.mk“ и „е-градежно земјиште“.
Ѓорѓиевски посочи дека успехот на процесот на дигитализација веќе се покажува како многу успешен во општини како Кисела Вода, која прва во Македонија воведе дваесетина електронски услуги.
-Дигитализацијата значи поголема транспарентност, заштеда на време и средства за граѓаните, како и намалување на можноста за корупција – нагласи тој, повикувајќи на поголема соработка меѓу општините, ЗЕЛС и Владата, со цел подобрување на условите за живот на граѓаните низ целата држава.
Тој истакна дека систематизираните ставови на ЗЕЛС, ревидирани секоја година, претставуваат основа за лобирање пред централната власт, изразувајќи задоволство што Владата ја разбира суштината на овие предизвици и активно работи на реформи во локалната самоуправа, вклучително и подобрување на финансирањето и воведување нови дигитални услуги за граѓаните.
-Односот што оваа Влада го има кон општините и ЗЕЛС ни влева надеж дека конечно ќе фатиме чекор со имплементирање на посакуваните европски стандарди – рече Ѓорѓиевски, осврнувајќи се на потпишувањето на новиот Меморандум за соработка со Владата.