Градоначалниците на скопските општини до петок да ги достават приоритетните проекти

158

Според претседателот на Советот, Трајко Славески, тоа е направено во последен момент, но, како што вели, советниците имаат доволно време да го разгледаат. Денеска, околу подготовките на буџетот на Град Скопје, имаше координативна средба меѓу градоначалниците од скопските општини и Славески, на која е договорено до петок да ги достават приоритетните проекти за вклучување во буџетот за 2025 година, иако, како што се наведува во соопштението од градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, тој не е транспарентно презентиран и Советот не е вклучен во неговото изготвување

 

Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, го доставила до советниците предлог-буџетот на Град Скопје за 2025 година, па на неколку дена пред крајот на оваа година, тој ќе се најде на дневен ред на седница на Советот.

Според претседателот на Советот, Трајко Славески ,тоа е направено во последен момент, но, како што вели, советниците имаат доволно време да го разгледаат.

Славески информираше дека советниците добиле покана и дека седницата е закажана за во вторник, на 24 декември 2024 година и дека буџетот е доставен точно седум дена пред седницата.

Денеска, околу подготовките на буџетот на Град Скопје, имаше координативна средба меѓу градоначалниците од скопските општини и Славески, на која било договорено до петок да ги достават приоритетните проекти за вклучување во буџетот за 2025 година, иако, како што се наведува во соопштението од Ѓорѓиевски, тој не е транспарентно презентиран и Советот не е вклучен во неговото изготвување.

Воедно, градоначалниците побарале поголема координација меѓу градските и општинските служби за реализација на проектите од значење за граѓаните. Исто така, тие укажале и на немањето комуникација и транспарентност од страна на Градот, што, како што велат, создава хаос, кој ги засега сите жители на главниот град.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, побара Арсовска да не се крие и да ги внесе приоритетите на скопјани во буџетот за 2025 година.

– Заедно со колегите градоначалници од скопските општини, го посетивме Градот Скопје, односно претседателот на Советот, Трајко Славески, за да го разгледаме предлог-буџетот за 2025 година и она што е во план да се работи во годината што е пред нас. Како и обично, градоначалникот Арсовска не се појави на овој состанок. Побаравме од градските служби да го дадат на увид предлог-буџетот, но исто како што се крие Арсовска, се кријат и документите од претседателот Славевски и од скопјани – нагласи Ѓорѓиевски.

Според него, единствено позитивно е што за седум месеци отсега, Скопје ќе биде спасено од овој хаос што му се случува и повторно ќе биде горд град.

Неодамна, советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, ја обвини Арсовска дека навреме, до 10 декември, не го доставила предлог-буџетот до Советот, со што му се заканува целосна блокада на Град Скопје. Потоа градоначалничката апелираше до партијата да престане да шири лаги и дезинформации до граѓаните и посочи дека предлог-буџетот се доставува до Советот на општините седум дена пред да се расправа за него.

Тогаш и Славески реагираше дека Арсовска нема навреме доставено до Советот предлог-програми за развој, кои треба да бидат составен дел од буџетот за 2025 година.

– Според буџетскиот календар, најдоцна до 20 октомври 2024 година, до Советот на Град Скопје требало да се достават за одобрување предлог-програмите за развој, кои Советот требало да ги одобри најдоцна до 15 ноември, по што тие стануваат составен дел од буџетот – истакна Славески.

Тој тогаш оцени дека Арсовска треба да сноси одговорност за, како што вели, ваквото несовесно и неодговорно работење, кое може да предизвика целосна блокада во функционирањето на Градот и побара таа јавно да му се извини на советникот Стефан Кирков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

По реакцијата, од Град Скопје го прашаа Славески дали ќе побара одговорност од градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

– Кулминација на незнаењето на Трајко Славески. Господине Трајко, сакајќи да се оправдаш кај твојот шеф, Мицкоски, за штетата што ја правиш со твоето елементарно непознавање на законите што ги „тангираат“ градот и општините, не само што се ставаш себеси во незгодна ситуација туку и им правиш трајна штета на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои, иако имаат буџетски календар изгласан од Советот, немаат доставено предлог-буџет, а рокот им бил до вторникот. Ќе побараш ли одговорност од нив, Трајко? Или да почекаме што стратегија ќе направите за да се извадите и од овие глупости во кои се вовлековте сами, од незнаење, со единствена цел да наштетите некому, а преку тоа на цел град, за ситни политички поени – се вели во реакцијата на Град Скопје.

(А.П.)