Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска е задоволна од растот на економијата минатата година, но е воздржана за прогнозите за оваа година. Таа очекува подобри резултати годинава од ланските остварени во последниот квартал од 2024 година кога растот беше 3,2%.
– Задоволна сум со оглед на фактот дека во економијата работите не можат да се случат преку ноќ. Секогаш сум многу внимателна во однос на бројките. Убаво е кога бројките покажуваат дека одиме во позитива и во добра насока, но сепак би била многу внимателна. Очекуваме уште подобри резултати, но со состојбите на глобално ниво би била среќна ако во првиот квартал од 2025 година продолжиме во насока на повисок раст од оној што го остваривме во последниот квартал од 2024 година. Мислам дека раст од 3,7 проценти за 2025 година, како што ни е проектиран, треба да ни биде целта и да се трудиме тоа да го реализираме. Премногу е рано да зборуваме за било какви корекции во нагорна линија – потенцира Димитриеска-Кочоска.
Главни фактори за растот на БДП минатата година, се растот од 13,2% во градежништвото и порастот од 10,6% во стручни, научни и технички дејности.
– Со значителниот раст во секторот градежништво само се потврдуваат зголемените инвестиции и активност во инфраструктурни проекти. Повеќе јавни и приватни инвестиции, придонесуваат за зголемена активност во градежниот сектор, кој стана водечка индустрија за раст на БДП. Го имаме и зголемениот пораст во стручни, научни и технички дејности, овој сектор, пак, се покажа како еден од клучните двигатели на економијата, во контекст на зголеменото внимание на иновациите, технолошкиот напредок и дигитализацијата, што директно влијае на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија каде што има пораст од 10,6% – рече владиниот портпарол, Марија Митева.
Таа потсети дека странските директни инвестиции лани достигнаа милијарда и 255 милиони евра, што особено влијаат на растот на економијата.
– Како Влада сме спремни да ги видиме резултатите што ќе се однесуваат од првиот до последниот квартал 2025 година, а ќе бидат резултат на политиките на оваа Влада. Овие резултати потврдуваат дека Македонија е на вистинскиот пат. Остануваме посветени на поттикнување на динамично економско опкружување, поддршка на бизнисите и создавање нови можности за раст и просперитет – дополни таа.