Градежни инженери: Настрешницата е преоптоварена, прашање е само кој е виновен, проектантот или изведувачот?

10991
EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Геолошкиот инженер Зоран Ѓајиќ кој работел на реконструкција на зградата на Железничката станица во Нови Сад до март 2023 година и предупредувал да се отстранат мермерните плочи од предниот дел на зградата и да се провери подлогата под тие плочи, бидејќи видел дека зад некои од нив, се ставени стуткани вреќи со цемент наместо бетон.

Како што вели за Данас.рс, го повикува јавниот обвинител лично да истражи и да повика на одговорност.

„Многу е лесно да се утврди кој е одговорен за ова. Не падна само плоча, луѓето ги загубија животите. Лажат министерот и сите што велат дека не е направена реконструкција. Некој ја натоварил настрешницата со метал и стакло, не пресметал колкава тежина може да издржи конструкцијата и таа паднала. Кој и да го направил тоа е виновен. Секако дека сега можат да измислат некој нов проблем за да прикријат се, бидејќи ова не е случајност, ова е убиство на 14 луѓе“, рече Ѓајиќ.

Тој посочи дека испратил дописи на бројни адреси дека мора да се отстранат мермерните плочи од предната страна и да се види што има зад нив, но никој не одговорил на неговите предупредувања.

„Има делови каде што недостига бетон, а наместо него се ставени стуткани вреќи од цемент за да се стави помалку бетон внатре – додаде Ѓајиќ, кој работел како консултант во сообраќајниот институт ЦИП при изработката на проектот за реконструкција на зградата на железничка станица во Нови Сад.

Како што појаснува, во првата фаза била санирана керамиката што се наоѓала на таванот и се направило само шминкање на таа настрешница. Во втората фаза, при работата на фасадата на зградата и работите на реконструкција на камената облога во март 2023 година, тој испратил извештај до изведувачите, но и до министерството во кое побарал санација на подлогата.

„Никој не одговори ниту на тоа. Ако тогаш беа отстранети тие плочи, веројатно ќе се забележеше дека основата не е добра или дека носачите (затегнувачите) можеби кородираат. Настрешницата потоа беше покриена со стакло и челик, што е дополнителна тежина што не беше предвидена во проектот за изградба на станицата“, вели Ѓајиќ

Даниел Дашиќ, градежен инженер, вели дека веднаш по првите изјави на функционерите се посомневал во две работи, дека се работи за стара зграда и дека ништо не е направено околу настрешницата.

Почнал да бара се што може да најде на Интернет, па споредил фотографии од периодот на градба во шеесетите, користењето на станицата сите овие години, периодот на реконструкција и периодот по реконструкцијата.

Со градежна форензика дошол до заклучок дека проблемот е дополнителен товар кој бил поставен на настрешницата.

Настрешницата хоризонтално лежи на конструкцијата, а од горната страна е поврзана со покривот со челични елементи. Самата настрешница е изработена по мрежен систем од вкрстен армиран бетон, за да се олесни конструкцијата, која е покриена со панели и украсни елементи, а дел од отворот кон самиот објект е оставен, поради поминување на светлината и воздухот.

„Претседателот и министерот ја залажуваат јавноста. Настрешницата дефинитивно е обложена со нови мермерни плочи, а не знаеме дали тие празнини што беа оставени за да се олесни градбата се пополнети со нешто или не. Дополнително оптоварување се металните конструкции со стаклени елементи. Без разлика дали е челик или алуминиум, има тежина. Најголем проблем е стаклото, бидејќи поради хоризонталната положба мора да биде густо и тешко. Според мене, овие товари доведоа до пукање на самата настрешница“, изјави Дашиќ.

Како што објаснува тој, се гледа дека се откачиле сите носачи (затегнувачи) што ја поврзувале конструкцијата со покривот, што покажува дека тоа било слаба точка.

Тој смета дека или проектантот не го пресметал влијанието на дополнителната тежина или пресметал и можеби давал предлози за зајакнување на анкерите, но изведувачот не го направил тоа, туку само ги обоил.

„Се поставува прашањето за надзор, кој морал да реагира и во двата случаи. Тој гарантира дека проектантот и изведувачот направиле се во согласност со правилата на професијата и законот. Постои можност дополнително да е ослабена врската меѓу настрешницата и самата зграда, бидејќи од внатрешната страна изградиле галерија. Засега немаме докази како ја поврзале таа галерија, но можно е при работата, кршењето и приклучувањето на старата арматура да ја ослабиле врската на настрешницата и конструкцијата“, продолжи тој.

Како што посочува, особено спорна е приказната на српските политичари од власта дека зградата е стара.

„Граѓаните на Нови Сад добро знаат дека во 1999 година во близина на таа станица паѓале бомби и дека на ниедно место не се оштетила, па мора да е направена сигурна и како што треба, ако таквите вибрации не и наштетиле. Ако проблемот е што зградата е од 1964 година, како што велат од власта, тогаш треба да урнеме 90 проценти од Србија и да изградиме нови згради“, заклучи тој.