Ќе се обнови ли возниот парк во Скопје или оваа тема беше само нов повод за политичка пресметка меѓу градските власти и Владата. Имено, по информацијата дека Белград планира да донира 100 автобуси „Соларис“, наменети за сите градови во државава, ги испровоцира и двете страни да си разменат остри стрели.

Од кабинетот на скопската градоначалничка Данела Арсовска велат дека донацијата е само доказ дека Владата до овој момент не е способна со сопствени средства да набави автобуси за општините и градот Скопје.

– Иако ние понудивме средствата за набавката да ги префрлиме на сметка на Владата, а тие да ја спроведат набавката. Дали со оваа донација од Белград се подготвува лице, блиско до ВМРО-ДПМНЕ и руските безбедносни служби, повторно да влезе во дејноста со јавен превоз и со помош на ВМРО-ДПМНЕ да го приватизира ЈСП. Дали оваа најавена бизнис зделка е причината зошто Советот на Град Скопје, раководен од ВМРО-ДПМНЕ, системски го уништува ЈСП Скопје, не дозволува набавка на нови автобуси и зошто не се исплаќа владиниот долг од 8 милиони евра кон ЈСП, за превозот на студентите – прашуваат од Град Скопје.

Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, пак, вели дека избегнува да ги коментира изјавите на скопската градоначалничка и бидејќи според него, таа е завршена приказна за скопјани.

– Избегнувам да ја коментирам Арсовска искрено, бидејќи сметам дека е завршена приказна за Скопје и скопјани. Го видовме нејзиниот потенцијал и она што го направи во Скопје. Јас повеќе сум фокусиран на барање решенија и алтернативи за една година од сега и начини како би го решавале транспортот во Градот, како би ја средувале хигиената, какви проекти му недостасуваат на Скопје и што ќе треба да преземеме во тој дел, така да повеќе сум фокусиран на тоа прашање на перспективите и иднината на главниот град, отколку на политиканството на Арсовска – истакна Ѓорѓиевски.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, појасни дека станува збор за неофицијална изјава од град Белград и дека најавата за донацијата воопшто не е официјална.

– Во суштина Скопје е град на солидарноста, но мизерно е што една метропола се доведе во ситуација да пука по сите шевови, а градскиот превоз е само еден од нив. Да почекаме што ќе се случи, па ќе донесеме конкретен став – истакна Перински.

Според него, ова не е проблем што е настанат од вчера и не е откако стапи на функција оваа Влада, а посочи дека Скопје има проблеми и со отпадот, со зеленилото, со депонијата „Дрисла“.

– Жал ми е што сме доведени во ситуација градот Скопје да не може сам да си ги сервисира обврските. Следната година ќе мораме да работиме системски за да профункционира градот Скопје и да почне од нула, а потоа да почнеме и да го градиме. Загрижен сум што во моментов обврските на градот Скопје кон добавувачите се околу 8 милиони евра, а неофицијални информации ми потврдуваат дека „Водовод и канализација“ должи околу 15 милиони евра, „Комунална хигиена“ околу 6 милиони евра, „Улици и патишта“ 3,5 до 4 милиони евра, а за ЈСП нема жив човек на светот што може да го пресмета долгот – истакна Перински.

(С.Бл.)