Град Скопје не може да се задолжува, намален и е кредитниот рејтинг

244

Конфронтацијата меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и градските советници, што ја брануваше домашната јавност, изминативе 2-3 години се најде и во најновиот извештај на Глобалната кредитна рејтинг агенција „Стандард и Пурс“. Агенцијата го намали кредитниот рејтинг на Град Скопје од „ББ -“ на „ББ +“ со стабилен изглед, што е второ надолно ревидирање за период од една година. Од „Стандард и Пурс“ во своето образложение зошто го намалиле кредитниот рејтинг на Град Скопје нотираат дека Град Скопје и во 2024 година продолжува со праксата да акумулира заостанати долгови кон добавувачите

 

Конфронтацијата меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и градските советници, што ја бранува домашната јавност изминативе 2-3 години, се најде и во најновиот извештај на Глобалната кредитна рејтинг агенција „Стандард и Пурс“.

Агенцијата го намали кредитниот рејтинг на Град Скопје од „ББ -“ на „ББ +“ со стабилен изглед, што е второ надолно ревидирање за период од една година.

Од „Стандард и Пурс“, во своето образложение зошто го намалиле кредитниот рејтинг на Град Скопје, нотираат дека Град Скопје и во 2024 година продолжува со праксата да акумулира заостанати долгови кон добавувачите.

Ако на крајот на 2023 година вкупниот долг изнесувал 450 милиони денари (7,3 милиони евра), заклучно со јуни годинава, задолженоста достигнала 700 милиони денари (11,3 милиони евра).

– Град Скопје располага со ликвидни средства со кои може да покрие околу половина од акумулираните обврски и отплатите на главнината на долгот во следните 12 месеци, додека не е во можност да се задолжува, со оглед на конфронтацијата меѓу градоначалникот и градскиот совет – се вели во извештајот на „Стандард и Пурс“ .

Од Глобалната рејтинг агенција велат дека сепак, и покрај заострената ликвидносна позиција, веројатноста Град Скопје да не ги исполни должничките обврски навреме и во целост, останува ниска.

– Ние би можеле да го намалиме рејтингот ако финансиското управување на Скопје ослабне или буџетските резултати се покажат понеповолни отколку што очекуваме, со што дополнително ќе се притисне ликвидноста и ќе се спречи постепено намалување на акумулираните обврски, спротивно на нашето основно сценарио – потенцираат од „Стандард и Пурс“.

Од друга страна, според агенцијата, рејтингот на Скопје би можел да се подигне доколку зајакне ликвидноста на општината, додека акумулираните доспеани обврски значително паднат поради посилните буџетски перформанси, подобрувањата во финансиското управување и покохезивната локална политичка динамика.

– Стабилната перспектива ја одразува ниската состојба на директен долг на општината, која се карактеризира со скромни годишни плаќања на главнина и камати, кои очекуваме да бидат приоритетни во однос на другите трошоци и да бидат исполнети навреме и во целост – наведуваат од Агенцијата за кредитен рејтинг.

(А.П.)