Град Скопје ќе доделува субвенции за купување филтри на оџаците на домаќинствата за 2025 година. На наредната седница на Советот на Град Скопје која ќе се одржи утре, советниците треба да дадат зелено светло за максималниот износ на поединечната субвенција.
Според предлог-одлуката, максималниот износ за доделување поединечна субвенција на граѓаните на подрачјето на Градот Скопје за купување филтри на оџаците на домаќинствата во 2025 година е во висина од најмногу 90 % од вредноста на инвестицијата, но не повеќе од 25.000 денари за лице/барател, од вкупниот износ на потребната вредност за купување филтри на оџаците на домаќинства. Персоналниот данок на доход е на товар на Град Скопје.
Доделувањето на поединечната субвенција се врши врз основа на доказ дека е извршено купување на филтри на оџаците на домаќинства од Република Македонија, и тоа со оригинал фискална сметка издадена во државата, со датум од 1.1.2025 година, сè до исцрпување на предвидените финансиски средства од буџетот на Град Скопје за 2025 година наменети за таа цел, но не подоцна од 15.10.2025 година, при што задолжително е филтрите на оџаците на домаќинства да се целосно отплатени. Плаќањето на рати не се прифаќа.
За субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Градот Скопје, при купување филтри на оџаците на домаќинствата, се обезбедени финансиски средства од буџетот на Град Скопје за 2025 година, во вкупен износ од 2.000.000 денари.
Во образложението на предлог-одлуката се наведува дека причина за воведување на оваа субвенција е тоа што домаќинствата што не се приклучени на централниот топловоден систем, во најголем број случаи користат фосилни и други алтернативни горива.
– Најчесто, во Градот Скопје, за загревање на домовите, домаќинствата користат печки за кои како гориво се употребува екстра лесно масло за ложење ЕЛ, течен нафтен гас (ТНГ), јаглен, огревно дрво за греење или пелети. Во процесот на согорување на фосилните и биогоривата при загревање на домаќинствата, се создаваат и емитираат издувни гасови кои содржат полутанти (во најголемо количество PM10 и PM2,5) и кои значително го намалуваат квалитетот на амбиенталниот воздух. Како една од мерките за намалување на PM10 и на PM2,5 честичките при емисија на издувни гасови од оџаците на домаќинствата е поставувањето филтри на оџаците на домаќинствата – пишува во образложението на предлог-одлуката.
(А. П.)