Град Скопје издвои 6 милиони, Гази Баба и Аеродром по милион денари за семејствата на настраданите

72

Градот Скопје ќе донира шест милиони денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Одлуката беше донесена на вчерашната вонредна седница на Советот на Град Скопје. Седницата на Советот започна со едноминутен молк во чест на загинатите во трагедијата.

Пред да ја изгласаат, претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, рече дека предлог-одлуката за донација на шест милиони денари е првична помош што Градот Скопје може да ја даде во моментов. Средствата, како што рече, се обезбедени од буџетот на Град Скопје за 2025 година, од постојаната резерва за непредвидливи расходи.

-Средствата ќе се префрлат на сметката на фондот за солидарност на Црвениот крст на Република Македонија. За реализација на оваа одлука се задолжува градоначалникот на Град Скопје и одлуката ќе влезе во сила со денот на објавување во Службен гласник на Град Скопје, што ќе биде речиси инстантно по одржување на оваа седница – истакна Славески.

Тој повтори дека донацијата е во рамки на моменталните можности на Град Скопје и додаде дека е усвоен и заклучок според кој во најскоро време ќе се обезбедат дополнителни средства за оваа намена.

И општина  Гази Баба вчера одржа вонредна седница на која беше одлучено да им се додели финансиска помош во износ од милион денари за семејствата на настраданите во несреќата во Кочани, исто толку средства од својот буџет планира да одвои и Општина Аеродром. Паричните средства ќе бидат уплатени во Фондот на солидарноста на Црвениот крст на Република Македонија.

(А.П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ