Уставните судии со мнозинство гласови ја оспорија одлуката на поранешниот премиер, Талат Џафери, со која средното верско училиште на ИВЗ е трансформирано во редовно средно училиште. Од оваа верска заедница порачуваат дека на Балканот само нашата земја не ги акредитира верските училишта, што е случај на нонсенс за времето во кое живееме |
Ќе се погрижиме да не им биде нарушено правото на школување на учениците на медресата „Иса-бег“, порача вчера Исламската верска заедница. Таа реагира на завчерашната одлука на Уставниот суд, кој поведе постапка за оценка на уставноста на одлуката на претходната Влада, од март 2024 година, со која нејзиното средно верско училиште е трансформирано во редовно средно училиште. Со таквата одлука, потпишана од тогашниот премиер, Талат Џафери, ќе им се овозможи на завршените ученици годинава да се запишуваат на најразлични државни или приватни факултети во земјава. Досега, завршените матуранти во средните верски училишта на ИВЗ и на МПЦ-ОА немаа право да го продолжуваат школувањето на редовните универзитети, туку само на високошколските образовни институции на овие верски заедници.
Уставните судии со мнозинство гласови одлучија дека е издржана иницијативата на еден граѓанин, кој тврди дека владината одлука потпишана од Џафери е неуставна, бидејќи „верските заедници може да основаат само верски училишта, но не и граѓански“.
– Тука не ги браниме ниту исламот ниту христијанството, туку секуларноста на државата, бидејќи сите верски заедници ќе почнат да основаат гимназии – истакна на завчерашната расправа судијката известител Ана Павловска-Данева, која додаде дека решавањето на проблемот со учениците може да се направи само ако се измени Уставот.
Според претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, верските заедници се одвоени од државата и прашањето е јасно – тие немаат право да основаат граѓански училишта, туку само верски. Судиите Фатмир Скендер, Осман Кадриу и Насер Ајдари, пак, беа против поведувањето на иницијативата.
– Не е прекршена секуларноста. Никаде не пишува дека е забрането основање приватни училишта со граѓански карактер од страна на верските заедници. Со Законот за средно образование, училиштата можат да бидат основани од физички и од правни субјекти, а во овој случај, ИВЗ има таков статус, како правен субјект регистриран во Централниот регистар – нагласи Фатмир Скендер.
Во наредниот период, уставните судии треба да донесат конечна одлука од која ќе зависи дали завршените ученици во медресата ќе можат да се запишуваат на редовните граѓански државни или приватни универзитети. ИВЗ вчера соопшти дека им гарантира на учениците дека „нема да им биде нарушено правото на школување“.
– Цели 15 години ИВЗ вложуваше многу напори за акредитација на медресата, напори што беа крунисани со основањето. Одлуката е потврдена од Владата, од МОН, а Бирото за развојот на образованието ги одобри наставните планови. Со жалење констатираме дека на Балканот, само нашата земја не ги акредитира верските училишта, што е случај на нонсенс за времето во кое живееме. Ги повикуваме учениците на медресата да останат мирни, бидејќи ИВЗ на РСМ, во координација и соработка со Владата на РСМ, другите релевантни институции, политичкиот фактор и со меѓународниот фактор, воспостави и ќе воспостави механизми за обезбедување континуитет на акредитацијата на медресата. Со двегодишна максимална будност и напор, успеавме да ја акредитираме медресата и со истите будност и напор ќе се погрижиме да не им биде нарушено правото на школување на учениците на медресата, да им се гарантира еднаквост и да им се обезбедат услови, рамо до рамо со другите ученици на акредитираните училишта, да придонесат за земјата и за општеството – се потенцира во соопштението на ИВЗ.
Во август минатата година, новата министерка за образование, Весна Јаневска, изјави дека учениците што ќе завршат средно верско образование, нема да можат да се запишат на ниту еден факултет, освен на верски, и покрај одлуката на претходната Влада.
– И за оваа нова академска година, законот е јасен: и покрај идејата за воведување дополнителни предмети и промена на нејзиниот карактер, медресата не може да се третира и да има ист статус како другите средни училишта или гимназии во државата – рече тогаш Јаневска.
Социолозите, пак, укажуваат дека не би требало да се поставува како голем проблем прашањето дали можат завршените матуранти од средните верски училишта да го продолжат школувањето на редовните граѓански факултети.
– Тоа не е толку спорно и не би требало да се третира како нарушување на принципот секуларизмот во државата. Проблемот е во нешто друго. Тие, како средношколци, учеле за имами и за свештеници, оти се определиле за тоа и такви наставни планови и програми имале. Како сега ќе се запишува на некој сосема друг факултет, како ќе учи за правник, математичар, доктор, стоматолог?… Но, нашиот образовен систем дозволува такво нешто. Може средношколец што завршил земјоделско училиште да се запише на кој било факултет. Проблемот е, значи, што факултетите имаат ширум отворени врати за секакви средношколски струки, без приемни испити и слично. А, влезот на факултетите треба да биде врзан за своевидно докажување дека некој матурант е подготвен да студира токму таму – вели социологот Илија Ацески. (Б. Ѓ.)