Гостиварските пожарникари добија униформи, заштитна и друга опрема

19

Во Противпожарната единица на Гостивар денеска беше доставена донација за потребите на пожарникарите при извршување на работните задачи. Донацијата се состои од униформи, специјални обувки, заштитна и друга опрема, а ја обезбеди Арбен Мемети, кој потекнува од гостиварското село Речане, а живее и работи во Франција. За таа цел, имал поддршка и од хуманитарното здружение „Ринија“ од Речане.

– Како и други печалбари, и јас сакав да направам нешто позитивно за моето родно место. Пожарникарите имаат многу одговорна работа и треба да имаат услови и опрема како што ги имаат пожарникарите во западните земји – изјави Мемети.

На примањето на донацијата присуствуваше и градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани.

– Во мое име и во име на сите граѓани, сакам јавно да му се заблагодарам на Арбен за оваа донација и се надевам дека и во иднина ќе имаме помош и од други наши сограѓани, сѐ со цел нашето општество и нашиот град да бидат подобри – истакна Лимани.

Командирот на гостиварската Противпожарна единица, Јусуф Бајрами, искажа благодарност за донацијата, нагласувајќи дека е добредојдена и дека ќе биде од корист за работата на пожарникарите.

Посетата на градоначалникот беше искористена и за разговор околу другите потреби на Противпожарната единица, при што беше истакнато дека треба да се даде приоритет на специјализирано возило за интервенции.