Гостите може да јаваат коњи, но и да дегустираат вина во винарници

Освен тоа, предвидена е и посета на еден од најголемите археолошки локалитети во државата – Стоби, како и на верски храм – споменик на културата заштитен со закон, некогаш земјоделско училиште. За да се привлечат гости, на етикета на одредени вина се напишани географските координати, локацијата каде што е одгледано грозјето, кое е преработено во сортно вино. Гостите го пијат виното, но и гледаат од каде потекнува

343

Градско им нуди на туристите прекрасно доживување и помин преку атрактивна туристичка винска прошетка. Тие имаат можност да јаваат коњи покрај море од лозја во тиквешко виногорје, да ги разгледуваат природните убавини со кои располага регионот, да дегустираат прекрасни вина во винарниците во кои може да се види како се „раѓа“ виното како божествен пијалак. Освен тоа, предвидена е и посета на еден од најголемите археолошки локалитети во државата – Стоби, како и на верски храм – споменик на културата заштитен со закон, некогаш земјоделско училиште.

За да се привлечат гости, на етикета на одредени вина се напишани географските координати, локацијата каде што е одгледано грозјето, кое е преработено во сортно вино. Гостите го пијат виното, но и гледаат од каде потекнува.

– На овие простори се произведува вино повеќе милениуми. Официјално, пет илјади години, а сигурно и повеќе. Тиквешкото виногорје се одликува со многу сува клима. Географски, по дефиниција, е полупустина. А од целото тиквешко виногорје, Градско е најсувиот дел. Добро е што планините околу Тиквешијата изобилуваат со вода и има систем за водоснабдување. Сувото време не дозволува да се развиваат болестите, па има многу здрава винова лоза, многу здраво грозје, има вода за наводнување и се произведуваат многу квалитетни вина и ракии – вели Андон Крстевски, првиот Македонец што има завршено енологија во Франција и единствен што работи во винарството.

Според него, најдобар начин да се промовира едно вино е гостинот или купувачот да дојде и да види кои сме.

–  Убаво е, преку нашата презентација, да ја почувствува љубовта кон виното и каде и да оди, да ја пренесе приказната, која ќе им ја раскаже на своите пријатели. Затоа ни се потребни овие вински тури. Сомелиерите за 15-20 минути им ја раскажуваат приказната на гостите за тиквешкото виногорје, за различните сорти вино. Потоа следува дегустација на вино со ручек. Така гостите добиваат слика за нас – истакна Крстевски.

Освен тоа, тој раскажува дека во минатото, на овие простори, на некои посебни денови, низ водоводот било пуштано и вино.

– Кога доаѓаат, странците не сакаат вино од сорти грозје што ги има во целиот свет, сакаат да пробаат нешто од овие простори. Тие имаат најубави зборови за македонското вино „вранец“ – сподели Крстевски.

Министерот за култура, Зоран Љутков, истакна дека локалитетот Стоби е стратешки за Република Македонија, бидејќи се наоѓа на стратешко место, на автопатот Е 75 и е многу важен за развој на културниот туризам во Македонија.

Тој потенцираше дека ова ќе биде еден од приоритетите на Владата, Министерството и на Националната установа „ Стоби“ во оваа година, со цел развој на транзитниот туризам.

И директорката на Националната установа „Стоби“, Силвана Блажевска, истакна дека апсолутно Стоби треба да има централно место во развојот на културниот туризам.

– Прво, Стоб е на централна позиција во Македонија. Се наоѓа на автопат од кој има директен пристап. Всушност, и во антиката тоа бил клучниот факт за тоа што се развил градот толку многу. Се наоѓа на крстопат на главни патишта. Едниот север-југ, а другиот исток-запад. Затоа и е формирана установата, да се грижи за локалитетот од сите можни аспекти. Истражување, конзервација и презентација – нагласи Блажевска.

Таа најавува полнење на сувенирницата со производи,  комерцијални копии, производи инспирирани од предметите од локалитетот.

– Не би нуделе само прошетка по локалитетот туку и опција за купување, нешто што ќе остане за спомен и долго сеќавање кај посетителите – подвлекува Блажевска, нагласувајќи дека очајно е потребен објект на влезот, со можност туристите да испијат кафе.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ