Дизелот од ноќеска на полноќ ќe поскапат за еден денар од литар, а цената на бензините и на екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголеми за половина денар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комуналниот отпад (РКЕ). Со одлуката се изврши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,33 отсто.
Новата малопродажна цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 80 денари за литар, еуросупер БС-98 ќе се продава за 82, еуродизел БС (Д-Е В) за 74, а екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 73,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ, за 0,802 денари за килограм ќе се намали малопродажната цена на мазутот М-1 НС и таа изнесува 47,209 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, во споредба со претходната пресметка, бележат зголемување кај бензините, во просек за 0,961 отсто, кај дизелот за 2,131 и кај екстра лесното масло за 2,031 отсто, додека кај мазутот има намалување за 2,27 проценти. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка, пак, е повисок за 0,0097 отсто.