Кандидатот за претседател на Романија, Калин Ѓорѓеску, е ставен под истрага од страна на Јавното обвинителство под обвинение за шест кривични дела, вклучително и поттикнување противуставни дела.
Претходно во средата, неколку медиуми во Романија објавија дека Ѓорѓеску бил одведен во обвинителството на распит во случајот со нелегално финансирање на неговата изборна кампања минатата есен.
– Обвинителот на Кривичниот оддел на Основното обвинителство при Врховниот касационен суд донесе решение за поведување кривична постапка против Калин Ѓорѓеску, кој беше обвинет за шест кривични дела. Меѓу нив: поттикнување на дејствија против уставниот поредок, ширење на лажни информации, како и во врска со лажно сведочење на извори за кампањата – се вели во соопштението на романското Основно обвинителство објавено во медиумите.
Обвиненијата, исто така, вклучуваат создавање или водење на организација од фашистичка, расистичка или ксенофобна природа, како и промовирање култ на лица виновни за геноцид и воени злосторства.
Досега не се преземени рестриктивни мерки против политичарот.
Претседателските избори се одржаа во Романија на 24 ноември, а независниот кандидат Ѓорѓеску излезе како лидер во првиот круг, добивајќи 22,94 отсто од гласовите благодарение на активната кампања на TikTok.
Второто место и припадна на Елена Ласкони со 19,18 отсто, која е за зајакнување на партнерството со НАТО и САД. Сепак, на 6 декември Уставниот суд ги поништи изборните резултати, наведувајќи сериозни повреди потврдени со декласифицираните документи на КСС. Одлуката е донесена по разгледување на жалбите на јавните организации, кандидатите и државните органи. Ѓорѓеску ја обжали оваа одлука до Апелациониот суд, потоа до Врховниот суд на Романија, кој подоцна ја одби жалбата на политичарот. Во јануари, поддржувачите на политичарот почнаа да одржуваат протести, барајќи од властите да ја поништат одлуката за поништување на изборните резултати.
Новите претседателски избори во земјата се закажани за мај.