Некои од синџирите, за жал, одлучуваат да водат политичка борба против политичка влада, и не е добро тоа, истакна премиерот Христијан Мицкоски во врска со барањата и забелешките на трговците околу цените и маржите на производите во трговската мрежа.
Според него, одлуката е донесена и треба да се почитува, а доколку новата Комора на трговци има нов предлог што ќе биде во интерес на стандардот на граѓаните, тогаш тој ќе биде разгледан на вонредна владина седница.
– Со жалење можам да констатирам дека некои од синџирите, за жал, одлучуваат да водат политичка борба против политичка влада, и не е добро тоа. Но, тоа е нивни избор и јас тука не можам ниту да го оправдам ниту да го осудам, затоа што ова е демократска држава со право на говор и секој што мисли дека треба да води легитимна борба, нека се бори. Владата донесе одлука, таа одлука е резултат на сите разговори, скрининзи на терен и на сè што добивме како „инпут“ и врз основа на сето тоа, донесовме одлука и таа одлука треба да се почитува и да се применува. Доколку кој било има подобар предлог со кој можеме да го подобриме стандардот на граѓаните, подготвен сум да разговарам во секое време. Нека се состане таа Комора и да го видиме предлогот за да знаеме на која платформа можеме да разговараме и доколку е подобра таа и во насока на подобрување на стандардот на граѓаните, ние, ако треба, ќе одржиме вонредна седница на Владата и ќе го прифатиме предлогот – рече Мицкоски.
Тој истакна дека контролите на пазарните инспектори и на Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе продолжат и ќе бидат присутни на терен.
Прашан за висината на минималната плата во земјава, премиерот Мицкоски истакна дека Владата наскоро ќе формира комисија на која треба да се определи репрезентативноста на синдикалните претставници во Социо-економскиот совет.
– Најнапред треба да формираме комисија што ќе ја утврди репрезентативноста на синдикалните претставници во Социо-економскиот совет, бидејќи сега репрезентативноста е истечена. Очекувам на седница на Владата, да се формира таа комисија, да определи репрезентативност, а потоа ќе одржиме седница. Инаку, минималната плата може да се донесе и во март, бидејќи реално ќе почне да се исплаќа од 1 април. Но, ќе потсетам, што се однесува до минималната плата, партнер не се само синдикатите туку и работодавците и ние, како Влада, сме во тој процес за да фасцилитираме. Висината на минималната плата не зависи од Владата, тоа зависи од тоа дали ќе постигнат договор работниците и работодавците и дали ќе има консензус за тоа. Ние, како Влада, ќе го поддржиме кој било договор, а во спротивно, ако нема договор, тогаш ќе одиме според закон – истакна Мицкоски.