Делчевското комунално претпријатие „Брегалница“ постојано се соочува со големи загуби во водоснабдувањето. Половина од испорачаната вода е фактурирана на граѓаните, додека остатокот се губи поради технички дефекти, нелегални приклучоци и нефактурирана комунална потрошувачка. Овие загуби влијаат на приходите на претпријатието, кои се приход на државниот буџет. Регистрираните загуби на вода во водоснабдителниот систем, велат ревизорите, генерално се технички, комерцијални и загуби предизвикани од комуналната потрошувачка. Од ДЗР истакнуваат дека надлежните лица на ЈКП „Брегалница“ – Делчево треба да преземат мерки и активности за анализа на состојбата, донесување и реализација на планови за минимизирање и отстранување на причините што придонесуваат за загубата на вода во водоснабдителниот систем
Делчевското комунално претпријатие „Брегалница“ постојано се соочува со големи загуби во водоснабдувањето. Половина од испорачаната вода е фактурирана на граѓаните, додека остатокот се губи поради технички дефекти, нелегални приклучоци и нефактурирана комунална потрошувачка. Овие загуби влијаат на приходите на претпријатието, кои се приход на државниот буџет.
Ваква состојба констатирале државните ревизори чешлајќи го работењето на ЈКП „Брегалница“ за 2023 година. Така, количините на произведената/испорачана вода таа година изнесувале 1.309.402 кубни метри вода, а количината на приходувана вода за пиење била 505.722 м3 вода, што претставува 38,63 % од вкупно произведената и укажува на голем процент на загуба од 61,37 %. Регистрираните загуби на вода во водоснабдителниот систем, велат ревизорите, генерално се технички, комерцијални и загуби предизвикани од комуналната потрошувачка.
– Непреземањето мерки за минимизирање и отстранување на причините за техничките и за комерцијалните загуби на вода преку активности за реална и објективна потрошувачка на вода за пиење, предизвикува нереална и необјективна состојба во процесот на фактурирање на испорачаната количина вода за пиење и има како ефект помалку остварени приходи на претпријатието, помалку пресметан ДДВ и помалку пресметан надоместок за вода, кои претставуваат приходи на буџетот на државата – посочуваат државните ревизори.
Од вкупните побарувања по основ на продажба на вода и услуги, 21.146.000 денари (46%) се со старост од една до пет години и се настанати во периодот од 2018 до 2022 година, а побарувањата што се настанати во период подолг од 6 до 20 години се проценети во износ од 22.468.000 денари (48 %), што, според ревизорите, укажува на ненавремено преземање мерки за нивна наплата.
Од ДЗР истакнуваат дека надлежните лица во ЈКП „Брегалница“ – Делчево треба да преземат мерки и активности за анализа на состојбата, донесување и реализација на планови за минимизирање и отстранување на причините што придонесуваат за загубата на вода во водоснабдителниот систем.
Ревизорите упатуваат на несоодветно постапување и користење на јавните средства, а во исто време, со извршениот теренскиот увид во магацините, утврдено е несоодветно чување на резервите на суровини, материјали, резервни делови и ситен инвентар.
Поради нецелосното исполнување на обврските од страна на основачот – Општина Делчево, основната главнина на ЈКП „Брегалница“ – Делчево не е запишана во единствениот трговски регистар и регистар на други правни лица при Централниот регистар. Јавното претпријатие нема донесено сметководствени политики што се применуваат во изготвувањето, презентирањето и обелоденувањето на финансиските извештаи, а пописот на средствата и обврските за 2023 година не е целосен и не е извршено усогласување на сметководствената со фактичката состојба утврдена со пописот.
– По основ на надоместок за користење вода и надоместок за испуштање води, јавното претпријатие на 31.12.2023 година има искажано обврски во износ од 3.858.000 денари, кои не се уплатени во буџетот на државата, а одведувањето на отпадните води го врши без дозвола (водно право) за испуштање води за системите со кои располага. ЈКП „Брегалница“ – Делчево, во текот на 2023 година, по основ на надоместокот за одржување на јавната чистота наплатило 1.590.000 денари, по основ на надоместокот за одржување на јавното градско зеленило – 1.409.000 денари, но не извршило уплата на средствата на сметката на буџетот на Општината, што има како ефект помалку остварени приходи во буџетот на Општина Делчево – пишува во објавениот ревизорски извештај.
На територијата на Општината, ЈКП „Брегалница“ – Делчево ја врши дејноста отстранување на отпадоците и сметот, обработка и депонирање на комуналниот и на цврстиот отпад и депонирање на индустрискиот отпад, за што наплаќа надоместок од крајните корисници по цени од 2009 година, според одлуката за утврдување на висината на цените за комунални услуги.
– Нереално утврдената висина на надоместокот, се додава, не ги покрива трошоците на јавното претпријатие направени за обезбедување на услугата, кои треба да се засновани пред сè на: оперативните трошоци, трошоците за одржување и трошоците за капитални инвестиции, ниту ја вклучува секоја услуга и активност што се реализира во постапувањето со отпадот, со цел да може да се обезбеди поврат на трошоците, како и почитување на принципот „загадувачот плаќа“ – констатираат ревизорите.
(С. Бл.)