Во духот на грижата за животната средина и создавање поздрава животна средина за идните генерации, вчера во oпштина Кисела Вода се спроведе голема акција за пошумување.
Настанот, кој вклучи засадување на 1.000 чемпреси, донација од компанијата „Џонсон Мети“ и хуманитарната организација „Свети Спас“, го предводеа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и заменик генерaлниот директор на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, а во акцијата учествуваа и волонтери од „Џонсон Мети“, како и претставници од локалната администрација.
Се садеше во поголемите паркови: Паркот на шахот, како и во паркот „Феникс”, Дупки во Драчево. Во периодот што следува, ќе бидат засадени 500 брзорастечки дрвца, кои ги обезбеди Општина Кисела Вода.
-Секое дрвце што го засадуваме денес е симбол на нашата посветеност кон зачувувањето на природата и обезбедување подобар квалитет на живот за сите нас. Пошумувањето не е само акт на разубавување на просторот, туку и важен чекор во борбата против загадувањето и климатските промени. Грижата за животната средина е високо поставена на листата на приоритети на Општина Кисела Вода, за што говорат седумте новоизградени паркови и 13 спортско-рекреативни центри во овие три години, преку кои, ја оплеменивме општината со 80.000 квадратни метри зеленило – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој најави дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина, со уште поголем обем и учество.