Голема акција за пошумување во општина Илинден

45

Голема акција за пошумување се спроведува на повеќе локации на територијата на општина Илинден.

Акцијата за пошумување се одвива во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“, а во неа ќе бидат засадени над 2.000 садници од повеќе видови.

-Целта е да се придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот, унапредување на животната средина, како и подобрување на условите за живеење – соопштија од Општина Илинден.

Заедно со општествено одговорни компании, граѓани, ученици, јавните претпријатија, општинската администрација, се сади покрај пешачко-велосипедските патеки, покрај улици, патишта, училиштата, детската градинка, спортските терени, пределот на Ајватовски рид и други јавни површини.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој присуствуваше на акцијата за пошумување, истакна дека грижата за екологијата и здравата животна средина е обврска на секој од нас.

– Со реализацијата на овој проект се залагаме за еколошки почиста општина, како и подигнување на еколошката свест. Заштитата и унапредувањето на животната средина претставува еден од приоритетите во работењето на локалната самоуправа – рече Георгиевски.

Тој упати голема благодарност до општествено одговорните компании кои ја покажале грижата за екологијата преку донирање на овие садници.

ИЗДВОЕНИ