Премиерната изведба на сценскиот спектакл „Ана Каренина“, претстава во адаптација и режија на истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски, доживеа голем успех во Државниот театар во Ван, Република Турција. „Инспирирана од безвременскиот роман на Лав Толстој, претставата ја освои турската публика и критичарите, најавувајќи долг и успешен сценски живот“, посочуваат од Македонскиот културен центар во Инстанбул.

Инаку, ова е втора претстава на Пројковски во Турција, по истанбулската ‘Ромео и Јулија’, која беше прогласена за најдобра претстава на годината.

„По реакциите на премиерната публика и новинарите, мислам дека ‘Ана Каренина’ е претстава со долг сценски и фестивалски живот. Доказ за тоа се и првите пет комплетно распродадени изведби, посочи Пројковски по изведбата на претставата. Тој посебна благодарност упати и до својот тим кој работеше на претставата.

„Чест ми беше што заедно со мене во Државниот театар – Ван беше и мојот авторски тим: кореографот Олга Панго, сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајкоски. Благодарен сум на целиот ансамбл и на сите што придонесоа оваа претстава да биде вистински уметнички спектакл“, додаде режисерот Дејан Пројковски.

На премиерата присуствуваше и директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, кој ја нагласи важноста на ваквите културни соработки.

„Театарот е простор на дијалог, емоции и идеи. Вечерва, преку оваа маестрална адаптација на Толстој, уште еднаш се потврди дека уметноста не познава граници! Македонскиот и турскиот театар имаат богати традиционални врски, а ваквите соработки се сведоштво за заедничката желба да се создава уметност која инспирира, поврзува и остава трага. Оваа претстава е одличен пример за тоа како културната соработка меѓу двете земји може да донесе врвни уметнички достигнувања“, истакнува Ратајкоски.

Инаку, претставата „Ана Каренина“ на Пројковски, која имаше огромен успех и на Балканот, продолжува со својата успешна серија во Ван, а наскоро ќе бидат одржани претстави и во театрите во Анкара и Истанбул!

ИЗДВОЕНИ