Каталонскиот фудбалски гигант, екипата на Барселона, денеска ќе се бори за својот втор трофеј сезонава. Откако првично го освои националниот Суперкуп, сега го сака и Кралскиот куп, но нема да биде лесно тоа, бидејќи од другата страна е Реал Мадрид, со кој ќе игра во финалето.
До крајот на сезоната уште двапати ќе видиме „ел класико“, првиот ќе донесе директна борба за трофејот во Копа дел Реј, а вториот ќе биде многу важен во борбата за титулата.
Но, само еден ден пред финалето на Купот, се случи скандал. Голем број навивачи на Барселона, иако имаат купено билети, можеби нема да може да влезат на стадионот во Севилја, каде што се игра финалниот натпревар.
Според пишувањата на шпанските медиуми, голема група навивачи добиле билети со неточни информации, вклучувајќи неточно име или идентификациски број. Проблемите со дистрибуцијата на билетите им предизвика сериозен проблем на навивачите на каталонскиот гигант.
- Стотици навивачи на Барселона во моментов не може да го гледаат финалето и покрај тоа што легално имаат купено билети – пишува „Марка“.
Барселона брзо одговори на конфузијата со тоа што издаде соопштение во кое ги обвинува Кралската шпанска фудбалска федерација и дистрибутерот на билети што го ангажираше „One Box“ за грешките.
- ФК Барселона го смета инцидентот поврзан со дистрибуцијата на билети за финалето на Кралскиот куп од страна на Федерацијата и набавувачот на билети „One Box “ за неприфатлив и наведува дека нивното управување било надвор од контролата на клубот. Исто така, ве информираме дека правниот оддел ќе испита дали им предизвикал овој инцидент штета на нашите членови, навивачи и обожаватели и ќе преземеме соодветни мерки против одговорните – се вели во соопштението на Барса.
Кратко потоа, „One Box“ издаде соопштение во кое ја признава грешката и ветува дека ќе го реши проблемот.
- По интерна проверка, утврдивме дека овој инцидент е резултат на човечка грешка при поврзувањето на податоците. Ја преземаме одговорноста за тоа што се случи и сакаме јасно да ставиме до знаење дека Барселона на никаков начин не е вклучена или одговорна за овој инцидент. Се извинуваме за какво било недоразбирање или непријатност што, можеби, била предизвикана од оваа грешка. Би сакале да ве увериме дека се преземени соодветни чекори за да се среди ситуацијата. Наскоро ќе може повторно да ги земете вашите билети со точните име и презиме, ве уверуваме – одговорија од „One Box“.
Единствениот проблем со билетите се појави во случајот со навивачите на Барселона. Немаше слични извештаи меѓу навивачите на Реал Мадрид.
Реал е желен за одмазда со оглед на двата убедливи пораза сезонава, но Барселона во моментов изгледа многу моќно и сака да ја освои тројната круна и е на добар пат за такво нешто.