Голем јубилеј – осум децении слободно Скопје

171

Утре се навршуваат точно 80 години откако Скопје ја живее слободата и воедно се сеќава на жртвите што беа дадени за тоа денес да прерасне во современ и модерен град. Тоа е и денот кога на 13 ноември 1944 година борците од Дванаесеттата, Третата, Осмата и од Шеснаесеттата македонска бригада го ослободиле градот од фашистичката окупација. Борбите за конечно ослободување на Скопје започнале утрото на 12 ноември 1944 година, а веќе наредниот ден, во вечерните часови, тоа било слободно. Наум Бурески, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците – Скопје, во разговор за весникот ВЕЧЕР, потсети дека првиот куршум со кој бил означен почетокот на борбите за ослободување на Скопје бил испукан во 8:00 часот, од раката на народниот херој Боро Петрушевски, кој бил од Шеснаесеттата македонска бригада, која учествувала во борбите за ослободување

Утре се навршуваат точно 80 години откако Скопје ја живее слободата и воедно се сеќава на жртвите што беа дадени за тоа денес да прерасне во современ и модерен град. Тоа е и денот кога на 13 ноември 1944 година борците од Дванаесеттата, Третата, Осмата и од Шеснаесеттата македонска бригада го ослободиле градот од фашистичката окупација.

Борбите за конечно ослободување на Скопје започнале утрото на 12 ноември 1944 година, а веќе наредниот ден, во вечерните часови, тоа било слободно.

Наум Бурески, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците – Скопје, во разговор за весникот ВЕЧЕР, потсети дека првиот куршум со кој бил означен почетокот на борбите за ослободување на Скопје бил испукан во 8:00 часот, од раката на народниот херој Боро Петрушевски, кој бил од Шеснаесеттата македонска бригада, која учествувала во борбите за ослободување. Го бранеле градот и од единиците на Дваесет и втората гренадирска германска дивизија (47. и 65. полк), и од делови на Единаесеттата воздухопловна десантска дивизија и од други групи на непријателски единици.

Најжестоките борби се воделе кај Учителската школа, железничката станица и кај браната „Матка“, бидејќи евентуалните оштетување и уривање на браната ќе го збришеле градот.

– Тој ден беше многу значаен, бидејќи германскиот окупатор, при повлекувањето, сакаше да ја минира браната „Матка“ и да предизвика штета. Воедно, нивна цел беа и железничката станица, пругите и магацините. Сакаа да уништат сè. Се водеа и улични борби – раскажува Бурески.

Во текот на 12 и на 13 ноември, се развиле жестоки борби. Одделни згради како, на пример, Поштата, по неколкупати преминувале од раце в раце. Во овие борби, голема улога имале диверзантските групи од градот. Веднаш по продорот на единиците на македонската војска, тие се појавиле и ненадејно го нападнале окупаторот в грб. Потоа се поврзале со единиците и вршеле улога на водачи, кои точно ги познавале градот и организацијата на одбраната на окупаторот.

Ноќта меѓу 12 и 13, и на 13 ноември, продолжиле борбите низ цело Скопје. Меѓутоа, окупаторските сили што биле во северниот и во североисточниот дел на Скопје, како и во западниот дел, успеале да се извлечат под заштита на тенковите и да отстапат во правецот кон Качаник. Оние што останале забарикадирани во разни згради, почнале постепено да капитулираат. Најдолго се држеле во Учителската школа и во Поштата, кои капитулирале дури доцна во ноќта на 13 ноември, по што следувало чистење на градот од одделни помали заостанати групи. Во градот имало десетина главни упоришта што ги држеле Германците. Меѓу другите, тоа биле: железничката станица, Офицерскиот дом, Женската гимназија, на местото каде што денеска е Владата, пред Споменикот на ослободителите, а најтешките борби се воделе во зградата на Учителската школа, која била лоцирана кај паркот во Идадија. Големи битки се воделе и на Водно и Матка.

Брзите и силни напади на македонската војска, како и дејствувањето на 20-ина диверзантски групи (3-4 лица), кои ги пресекувале телефонските и телеграфските кабли, ги спречиле Германците да ги разурнат минираните згради што ги бранеле, како и мостовите во Скопје. Со пресекување на каблите, тие го спречиле и минирањето на Камениот мост. Со помош на ударните групи на месното население, македонската војска успеала да ги разбие балистите и фашистите и со тоа да ја зачува хидроцентралата, како и Скопје од евентуална поплава.

Исто така, Бурески истакна дека значајна работа е тоа што генералот Михајло Апостолски издал наредба да не им се дозволи на Бугарите да поминат низ градот и да одат на Сремскиот фронт за да не може да се прогласат како ослободители на Скопје.

Додека единиците на македонските бригади го гонеле непријателот од Скопје, Градскиот народноослободителен одбор, на 13 ноември 1944 година, издал објава за првите мерки преземени од народната власт во ослободено Скопје. За два дена, 400 борци, како влог, ги дале своите животи за ослободувањето на градот.

Ослободувањето на Скопје сите го дочекале со радост и со општа веселба на плоштадот. Сите биле излезени на улиците, а борците, ослободителите биле пречекани со цвеќиња. Се пеело, се играло, се славела победата.

По ова вистинско ослободување, градот почна да живее, да расте и да се развива. И покрај природните катастрофи што го снајдоа во меѓувреме, поплавата во 1962 и земјотресот во 1963 година, со помош на домашната и на меѓународната заедница, последиците бргу беа надминати, а градот продолжи слободно да чекори и да се движи напред.

Во текот на Втората светска војна, за ослободувањето на Скопје, животите ги положиле 4.654 негови граѓани, од кои 956 загинати во битките и 3.698 граѓани како жртви на фашистичкиот терор.

– Во Скопје потоа се одвиваа сите значајни историски работи, од формирањето на новата власт, училишта, почнавме да зборуваме на македонски јазик, за прв пат осознавме дека сме Македонци, а народот, при ослободувањето на Скопје, пееше македонски песни – истакна Бурески.

По повод 80 години од ослободувањето на Скопје, делегација на Градскиот одбор на Сојузот на борците, денеска во 11:00 часот, ќе положи цвеќиња на гробот на Михајло Апостолски, на споменикот на поранешниот прв претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, во Алејата на заслужните, како и пред Споменикот на ослободителите на Скопје – на Градските гробишта Бутел.

Потоа, во 12:30 часот, ќе бидат положени цвеќиња пред Споменикот на ослободителите пред Владата.

 

 „Го градам мојот град“ во ДКЦ „Карпош“ по повод денот на ослободувањето на Скопје

По повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, детскиот културен центар „Карпош“ и оваа година традиционално ја организира манифестацијата „Го градам мојот град“ на која учесници се децата од предучилишните установи од Скопје.

Манифестацијата ќе се одржи утре, во просториите на ДКЦ „Карпош“ од 10:00 до 11:00 часот, а децата од скопските градинки од различни природни и други материјали по свој избор ќе прават објект – макета на некое значајно обележје на Скопје.

– „Го сакам мојот град“ има за цел да ги истакне детските творечки способности и детската креативност, а воедно и поопширно да ги запознае децата со денот 13 Ноември и неговото значење – нагласуваат од ДКЦ  „Карпош“.

(А.П.)