Засолништата што ѝ се доделени на Дирекцијата за заштита и спасување , а се наоѓаат во општините Центар, Аеродром, Карпош, Гази Баба, Велес и Штип не се одржуваат и се запуштени. Воедно, голем дел од нив се блокирани или затворени од препреки од дрва и од кабаст отпад, дел се отворени и наликуваат на депонии, додека други се магацини за стара опрема. Некои засолништа не се во функција поради неисправни системи за вентилација и недостиг на струја и на вода. Ова е фактичката состојба што е утврдена од Државниот завод за ревизија.
Ревизорите констатирале и дека истовремено едно засолниште се користело од приватно правно лице, за што не им била доставена документација за закуп, ниту, пак, утврдиле соодветен приход по овој основ. Исто така, една од забелешките е дека дел од опремата на ДЗС сместена во магацините е нефункционална, неупотреблива, технолошки застарена, некомпатибилна, непроверена, несервисирана веќе подолг период, со поминат рок на употреба. Воедно, дел од опремата што е доделена од Министерството за одбрана, согласно со делбениот биланс уште во 2005 година, е постара од 40 години. Од ДЗР наведуваат дека ревизорите не можеле да извршат физички увид во најголемиот дел од засолништата, затоа што вработените во подрачните одделенија на ДСЗ не можеле да ги отворат.
Во извештајот на ДЗР се наведува и дека неодржувањето на изградените засолништа не е во согласност со член 8 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, каде што е уредено дека државните органи и правните лица основани од државата ги користат недвижните ствари во согласност со нивната намена и со работите и задачите што ги вршат и влијае врз нивната функционалност и можноста да се користат за намената за која се изградени: заштита на населението, материјалните добра и културното наследство на Републиката во случај на природни непогоди и други несреќи. Притоа, напоменуваат дека одговорното лице во ДЗС треба да преземе мерки и активности за подобрување на состојбата со засолништата, нивно целосно ставање во функција, како и тековно одржување и грижа за нив.
Исто така, со ревизијата е утврдено дека ДЗС се соочува со сериозни предизвици во своето работење, поради немањето национална стратегија за заштита и спасување, недостиг на квалификуван кадар и неадекватно управување со имотот и со опремата.
– Ова создава значителни ризици за безбедноста на земјата, особено во услови на природни непогоди и други несреќи, каде што брзата и ефективна реакција е од клучно значење – нагласуваат од ДЗР.
Инаку, во главниот град – во Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир – на хартија има дванаесет големи засолништа во случај на елементарна непогода или војна, а околу сто низ целата земја. Од Дирекцијата за заштита и спасување, во изминатиов период, постојано соопштуваа дека пет се целосно реновирани и подготвени за употреба.
Екипа на весникот ВЕЧЕР неодамна се увери во тоа на самото место и пишуваше дека половина од дванаесетте скривници, колку што ги има на подрачјето на македонската метропола, се целосно неупотребливи, дека не можат граѓаните да се засолнат во нив и дека се претворени влезовите во депонии, каде што има автомобилски гуми, штици, летви, канти, искршени столчиња, израснати грмушки, треви…
(А.П.)