Познато е колку време Новак Ѓоковиќ ќе биде надвор од терените поради повредата со која се здоби на Австралија опен. Новак се здоби со повреда на бутниот мускул на натпреварот против Карлос Алкараз во четвртфиналето на Австралија опен. Тој успеа да го заврши натпреварот и да се пласира во полуфиналето, но повредата се покажа како посериозна.
Србинот потоа го почна мечот против Александар Зверев, одигра еден сет во полуфиналето, но и покрај големата желба да продолжи да се бори, телото не му дозволи. Болката беше таква што тој не можеше да го продолжи натпреварот, па беше принуден да се откаже. Подоцна објави рендген од повредата за сите „експерти“ кои тврдеа дека ја лажирал.
Сега се појавија информации дека српскиот ас ќе отсуствува околу два месеци.
Тој нема да игра за српската Дејвис куп репрезентација против Данска, сигурно ќе го пропушти турнирот во Доха кој е закажан за крајот на февруари, а прашање е дали ќе биде подготвен за мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами.
Мастерсот во Индијан Велс е закажан од 2 до 16 март, а потоа турнирот во Мајами, кој ќе трае до 30 март.
Новак сигурно нема да ризикува, ќе се врати на теренот кога ќе биде целосно подготвен. Тој најверојатно ќе ги пропушти мастерс турнирите во САД и ќе се фокусира на сезоната на земјени терени.