Дали ова беше мојот последен натпревар во Мадрид? Може да биде. „Не сум сигурен дека ќе се вратам, па не знам“, рече најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ по поразот од Италијанецот Матео Арналди (6:3, 6:4), пренесе Спортклуб.
„Не знам што да кажам. Мислам, ќе се вратам, само можеби не како играч. Се надевам дека не е последен натпревар, но може да биде“, рече Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер повтори дека немал големи очекувања во главниот град на Шпанија.
„Се надевав дека ќе можам да одиграм уште еден меч повеќе отколку во Монте Карло. Морам да кажам дека ова е дел од мојата нова реалност. Да победам во еден или два меча, а да не размислувам како ќе стигнам до подоцнежните фази од турнирот. Тоа е сосема поинакво чувство во споредба со она што го имав во „20+“ години професионален тенис, па затоа е голем ментален предизвик за мене“, истакна Ѓоковиќ.
Тоа е кругот на животот и кариерата, во еден момент мораше да се случи, нагласи трикратниот шампион на Мадрид.
„Сега се обидувам да го искористам тоа како сила што ќе ме турка во иднина. Секако, го кажав тоа многу пати, Гренд слем турнирите се најважните турнири за мене. Тоа не значи дека не сакав да победувам тука. Секако дека сакав, но сакам да го покажам мојот најдобар тенис на Гренд слем турнирите. Не сум сигурен дека ќе можам да го направам тоа на Ролан Гарос, но ќе дадам се од себе“, рече Ѓоковиќ, пренесе Танјуг.