
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека натпреварот од второто коло на годинашниот мастерс во Мадрид, можеби, ќе биде негов последен на тој турнир.
Матео Арналди беше подобар од него во второто коло во шпанската престолнина (6:3, 6:4).
– Може да биде. Не сум сигурен дека ќе се вратам. Значи, не знам. Не знам што да кажам. Мислам, ќе се вратам, само можеби не како играч. Се надевам дека не, но може да биде – рече Ѓоковиќ.
Пред Монте Карло, тој истакна дека не очекува премногу од тој турнир од серијата 1.000 и не се промени тоа пред следниот мастерс.
– Да бидам искрен, не беа големи очекувањата. Се надевав дека ќе можам да одиграм еден натпревар повеќе отколку во Монте Карло. Морам да кажам дека ова е дел од мојата нова реалност. Да победам на еден или два натпревара, а да не размислувам како ќе стигнам до подоцнежните фази од турнирот. Тоа е сосема поинакво чувство во споредба со она што го имав во повеќе од 20. години во професионалниот тенис, па затоа е голем предизвик за мене. Тоа е кругот на животот и кариерата. Мораше да се случи во еден момент. Сега се обидувам да го искористам како сила што ќе ме турка во иднина. Секако, го кажав тоа многу пати, грен-слемовите се најважните турнири за мене. Тоа не значи дека не сакам да победувам тука. Секако дека сакам, но сакам да го покажам мојот најдобар тенис. Не сум сигурен дека ќе можам да го направам тоа на Ролан Гарос, но ќе дадам сè од себе – истакна Новак.
Следниот турнир каде што треба да го видиме Ѓоковиќ ќе биде мастерсот во Рим, кој е закажан за од 7 до 18 мај.