Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес-конференција соопшти дека нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“, фирмата од Албанија која требаше да стопанисува со паркингот на Клинички центар.
Оваа одлука доаѓа по објавените наводи за неправилности во изградбата на автопатот Тирана-Кичево, каде што, според информациите во јавноста, при градежните работи се користел стиропор во цементната конструкција, што довело до уривање на тунели.
Таравари посочи дека се разгледуваат две опции за стопанисување со паркингот.
-Првата е ЈП Градски паркинг да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар, рече Таравари.
Очекувањата се дека Министерството наскоро ќе донесе конечна одлука за идниот модел на управување со паркингот, со цел обезбедување на подобри услови за пациентите и посетителите на Клиничкиот центар.
Медиумите минатата недела објавија дека приватниот оператор од Албанија „Ѓока Констракшн“ е единствена компанија која се јавила на повикот за јавно-приватно партнерство. Ако го добие договорот, ќе биде обврзана да инвестира во катни гаражи, но ќе може да наплаќа паркирање по цена од 50 наместо 30 денари од час, а за возврат на државата ќе треба да и префрли само 1 отсто од годишните приходи.