Паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ нема да биде даден под концесија со него да управува албанската фирма „Ѓока констракшн“. Министерот за здравство, Арбен Таравари, на денешната прес-конференција, соопшти дека е поништен огласот.
Тој понуди две опции за стопанисување со паркингот. Првата е јавното претпријатие „Градски паркинг“ да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Ова следува откако јавноста беше против ваквото решение, а политичките партии го искористија тоа да си разменат остри стрели, нагласувајќи дека ваквиот договор е штетен и дека граѓаните и натаму се принудени да соочуваат со хаосот што владее на паркингот, обидувајќи се да најдат слободно место за своите автомобили, за да можат да одат на закажаниот преглед.
Дека компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија, со јавно приватно партнерство, во наредните 20 години ќе стопанисува со паркингот во Клиничкиот центар во Скопје, обелодени самиот Таравари.
Тој информираше дека на огласот распишан на 15 ноември 2024 година се јавила само „Ѓока констракшн“, која е формирана во Тирана, во 1994 година, а од 2022 има регистрирано подружница и во Скопје.
Според тендерот, приватниот партнер требаше да изгради две катни монтажни гаражи, да стопанисува со целиот паркинг во Клиничкиот центар, а за возврат државата да добие еден отсто од вкупните остварени годишни приходи.
Таравари тогаш кажа дека според проценката на Министерството за здравство, инвестицијата би го чинела концесионерот нешто над десет милиони евра.
Како одговор на Таравари, премиерот Христијан Мицкоски негираше дека е потпишан договор со избраната фирма и рече дека нема одлука на Владата за тоа. Премиерот се повика на физибилити студијата изработена од претходната Влада, која одлучила паркингот да биде менаџиран од приватен оператор. Го повика ЈП „Градски паркинг“ да направат ред, бидејќи, како што кажа ,Клиничкиот центар не функционира во нормални услови.
Сега, со паркингот во Клиничкиот центар стопанисува ЈП „Градски паркинг“.
Иако денеска беше поништен огласот, од СДСМ побараа итна и неотповиклива оставка од Тараварија и истрага од институциите.
(А.П.)