Македонија будно ја помина најцрната ноќ од осамостојувањето. По кобното неделно утро, кога во пожар на концерт во дискотека животот го загубија најмалку 59 млади, а трипати повеќе се повредени, денеска, најтраорно беше во Кочани. Мирисот на запалено околу импровизираната дискотека сè уште се чувствуваше, а скршените стакла во кои цела една младост се распарчи и вчера сведочеа за трагедијата која ја потресе целата држава.
Околу пладне, молкум и достоинствено на плоштадот во кочанскиот парк пред Домот на културата „Бели Мугри“, од сите страни почнаа да се собираат граѓани. Од најмладо до најстаро, со транспаренти в раце, кочанчани и жители од околните места излегоа да го изразат револтот за загинатите во пожарот во дискотеката без лиценца и да побараат одговорност од институциите. Ни силниот дожд не ги спречи ожалостените родители, браќа, сестри, сограѓани, да чекаат во долгата колона да се запишат во книгата на жалост и да запалат свеќи.
Тишината меѓу присутните ја прекинуваа лелеците на родителите. Мајки тешеа мајки што ги изгубиле своите чеда, татковци со фотографии од своите наследници кои во цутот на младоста загинале во трагедијата, бараа сите да го кренат гласот и да ја кажат вистината.
-Господе, казни ги, златни дечиња ни изгореа како глувчиња. Јас не се плашам повеќе од никого, веќе не сум жив, едно дете имав и тоа ми го зедоа. Не се плашете луѓе, и вие имате луѓе кои ви починаа, кажете ја вистината, викаше татко на едно од починатите момчиња, извикувајќи фашисти.
На двајца од присутните на протестот им се слоши, по што веднаш реагираа присутните од Црвениот крст и им пружија прва лекарска помош.
Со извиците „Сакаме правда“ и „Секој еден може да е следен“ и со пораките напишани на транспаренти насобраните граѓани од кочанскиот парк се упатија кон општината.
„Тука сè е легално ако имаш врски, ги изгубивме нашите, но нема да ја изгубиме правдата“; „Не умираме од несреќа, умираме од корупција“; „Народот страда додека системот ужива“; „Нема да има толку крв ако се е по закон, бараме одговорност“; „Години молк секогаш водат до минута молк!“, порачуваа движејќи се кон општинската зграда, која ја каменуваа, фрлаа јајца кон зградата и го повикуваа градоначалникот Љупчо Папазов да излезе надвор. Потоа отидоа во трговскиот центар во градот и го демолираа кафулето кое е во сопственост на газдата на нелегалната дискотека „Пулс“.
Два часа претходно, Папазов поднесе неотповиклива оставка, под силниот притисок од јавноста.
Четирите основни и двете средни училишта во градот, вчера, имаа само формална настава, но часови не се одржуваа. Градот жали по цела една надежна генерација што ја изгубивме. Кочани веќе не е градот што го знам, градот од моето детство и никогаш нема да биде. Генерации кочанчани со децении ќе жалат за изгубените млади животи. (В.С.Н.)