Во текот на 2024 година, на територијата на Националниот парк „Шар Планина“ имаше 16 пожари на отворен простор. Сите пожари во 2024 година се јавија во текот на зимата и на пролетта, за што најголем придонес имаше екстремно сувото и топло време за тој дел од годината.
– Иако летото беше суво и топло, на територијата на Паркот немаше појава на пожари на отворен простор во тој период. Човековите активности и несоодветните традиционални практики на палење стрништа и непожелна вегетација често резултираат со проширување на огнот и негово излегување од контрола, што е најчеста причина за пожарите на отворен простор од поголеми размери – информираат од Националниот парк „Шар Планина“.
Од почетокот на годината досега, со своите служби, Паркот успешно локализираше шест пожари.
– Апелираме да не се пали оган, да не се фрлаат догорчиња од цигари и да не се прави скара на неозначени места – пишува во апелот на НП „Шар Планина“.