Општина Центар додели вкупно 140 субвенции за оваа година: 110 за нови велосипеди и 30 за електрични велосипеди и тротинети. Аплицирањето за субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди и тротинети е завршено, но повикот за субвенционирање дополнителна опрема останува отворен до исцрпување на средствата или до 31.12.2024 година
Во рамките на проектот „Цел Центар на точак“, Општина Центар додели вкупно 140 субвенции за оваа година: 110 за нови велосипеди и 30 за електрични велосипеди и тротинети. Аплицирањето за субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди и тротинети е завршено, но повикот за субвенционирање дополнителна опрема останува отворен до исцрпување на средствата или до 31.12.2024 година.
Секој полнолетен граѓанин имаше право на еднократна субвенција во висина од 30 % од цената, но не повеќе од 3.000 денари.
– Овој проект не само што им го олеснува секојдневието на жителите на Центар туку и го подобрува квалитетот на живот со промоција на здрави навики и алтернативни начини на транспорт. Секој нов велосипед и тротинет значи помалку сообраќаен метеж и повеќе слободни паркинг-места. Продолжуваме со поддршката за сите оние што се дел од оваа позитивна промена – порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Центар е првата општина во Македонија која, по барање на граѓаните, воведе субвенции за дополнителна опрема за велосипеди, електрични велосипеди и тротинети.